Иво Вајгл, известувачот за Македонија во Европскиот Парламент, во интервју за Фактор, вели дека одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да го бојкотира претстојниот референдум е неприфатлива и дека Европската Унија ја осудува неговата изјава.
„Јас мислам дека македонскиот народ одлучува за својата иднина. Тоа гласање не е само за одлука за прашањето што се однесува со Грција, туку ова прашање ја дефинира евроатланската иднина на земјата. Ова е историски момент и уникатна можност Македонија да се приближи кон најнапредниот дел на Европа, а тоа е ЕУ“, вели Вајгл во интервјуто.
Во однос на повиците за бојкот на референдумот и изјавата на опозициската партија која ги повика граѓаните сами да донесат одлука, Вајгл вели дека ВМРО-ДПМНЕ дава изјави кои се контроверзни и не водат кон ништо.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да остане конзистентна на своите рани делувања кога се трудеше да ја внесе Македонија во НАТО и да отпочне преговои со Европската Унија. Опозицијата треба да продолжи со тоа делување и достигнување, а не да го врти грбот. Дури, важно е да се каже дека европските народни партии во најголем дел го поддржуваат реферндумот. Ако ВМРО ДПМНЕ и натаму продолжи со двосмислени изјави може да ги изгуби пријателите во Европската народна партија“, додава Вајгл.
На прашањето што ако референдумот биде неуспешен тој вели дека тоа ќе биде лош чекор за земјата и лоша порака која ќе стаса до Брисел, и дека Македонија нема да има втора шанса во догледно време.
„Не беше лесно да се добие поддршка за проширување, уште потешко да се натераат Грција и Бугарија да ја поддржат Македонија за влез во НАТО и во ЕУ. Не знам дали и во догледна иднина ќе ги имате ваква можност, дали вашите внуци ќе добијат нова шанса. Можам да кажам дека ако одлучите за бојкот тоа ќе значи гасење на политичката иднина на Македонија“, додава Вајлг.
А. П.