Илјадници граѓани и денеска протестираа низ улиците на Скопје за поддршка на Специјалното јавно обвинителство и за враќање на правната држава во Македонија по цела деценија анархија и безаконие.
Продемократските демонстранти тргнаа од СЈО и се упатија пред зградата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги која ја „обоија“, според новата тенденција на враќање на естетиката на кич-грдотиите од „Скопје 2014“. Додека ја „боеја“ зградата, дел од демонстрантите извикуваа дека грдата зграда некогаш била парк, кој беше бранет од нив, како и дека ја „фарбаат“ поради престојниот Велигден.
Пред зградата имаше поставен силен полициски кордон. Поради тоа што дел од распрсканата боја ги извалка и полицајците, откако запре фрлањето со боја кон зградата, неколку лица со влажни шамичиња, им ги бришеа штитовите и кацигите на специјалците и и на нив залепија хартиени срциња, при што беа поздравени со овации од граѓаните.
Откако ја исфарбаа Агенцијата за аудио и аудиувизуелни услуги, демонстрантите се упатија пред ЕУ Инфо центар, каде што одржаа говор неколку активисти.