ВЕСТ НА ДЕНОТ
Врховен: Државата на Верушевски ќе му исплати 1,7 милиони денари отштета за притвор за „Пуч“
Државата на Зоран Верушевски треба да му ја исплати по пет илјади денари за секој од 344 дена поминати во притвор во 2015 година за предметот „Пуч“, откако Врховниот суд делумно го усвои неговото барање за ревизија на надоместокот на нематеријална штета за неоснованото лишување од слобода и нарушениот углед и чест.
ФОТО НА ДЕНОТ
Скопје се гуши во ѓубре и смет, герила акција пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ
ФЛЕШ ВЕСТИ
РЕАКЦИЈА Друштвото на филмските работници на Македонија: Банана филм удира со лаги по филмските работници за да ги прикрие своите скандалозни злоупотреби.
ПОЖАР Опожарени беа подрумски простории во зградата на Основен суд во Куманово, каде што се наоѓа архива на Судот.
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ Во Сребреница, Босна и Херцеговина денеска се одбележуваат 28 години од геноцидот на босанските муслимани. Убиствата ги извршија единиците на војската на Република Српска (ВРС) на босанските Срби под команда на Ратко Младиќ.
Во Скопје Бошњачкиот национален сојуз (БНС) денеска организира традиционалниот комеморативен „Марш за Сребреница“ во знак на почит и сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница.
ПРАВДА Извршен вонреден надзор во 30-тина предмети поврзани со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ Поплави во Њујорк, екстремна топлина во Аризона, потоп во Вермонт, торнадо во Делавер. Оваа недела, сите овие настани – и други како нив низ САД (и низ светот) – се случуваат одеднаш, бидејќи климатските промени поттикнуваат екстремни временски услови, што ја натера гувернерката Кети Хочул од Њујорк, демократ, да го нарече „нашето ново нормално“, пренесува Њу Јорк Тајмс.
ВОЈНА ПРОТИВ УКРАИНА
Повторно заземено стратегиското високо место кај Бахмут, од почетокот на контраофанзивата одбрамбените сили деокупирале околу 253 квадратни километри.
*
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е апсурдно на Самитот во Вилнус да не и се понуди на Украина членство во НАТО. Тој истакна дека Украина заслужува почитување.
„Се чини дека нема подготвеност Украина да биде поканета во НАТО или да стане членка на Алијансата. Тоа значи дека е оставена можност да се преговара за членството на Украина во НАТО во преговорите со Русија. А, за Русија тоа значи мотивација да го продолжи својот терор“, посочи Зеленски.
АЛ-ПРЕС
Косовските медиуми известуваат дека на унгарски војник од мировните сили на НАТО во Косово, КФОР, му е ампутирана ногата како последица повредите што ги добил во судирите со српските демонстранти на северот на Косово. Швајцарски медиуми го откриваат планот на Вучиќ со Додик како планира да ја надомести загубата на Косово, пренесуваат косовските медиуми.
Ова се само дел од темите кои редакцијата на ЦИВИЛ Медиа ги издвои од албанските медиуми во регионот, за денешното издание на АЛ-ПРЕС.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Приказните за нова преговарачка рамка, за ревизија на Преспански, се невозможни и неостварливи! Доста лажете! Освен, во случај, доколку намерата не ви е да се вратиме во едни многу понеизвесни состојби и да се испентериме на безбедносен ролеркостер. Сме виделе многу лажги со опашки од “демократските” идеи на ВМРО, но, овој пат влогот е многу сериозен и е огромен, па крајно време е да се отпишете од градинката и да ја напуштите kindergarten politik“, пишува Ана Чупеска во колумната „Kindergarten politik“.
*
„Како и зошто преку ноќ директорката на „Комунална хигиена Скопје“, Косана Мазнева-Николиќ реши да се пресмета со „мафијашките структури“ чии имиња ги држи во тајност. Зошто точно една година и требаше на Мазнева да забележи дека има непотизам во Комунална?
Градските власти решија да ги „воспитаат“ бунтовниците, односно 27 лица се отпуштени од Комунална хигиена. Дали со ова почна најавената чистка на „ѓубрето“ и пресметката со „мафијашите“?“, пишува Дехран Муратов во колумната „Скопје базди на политика“.
*
„Се удавивме во ѓубре бидејќи третата по ред директорка на „Комунална хигиена“ Скопје, Косана Мазнева, поранешна пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ и советничка на Груевски, која беше последниот избор на Арсовска, со месеци не успеа да најде ред во претпријатието. Сметката двојно ја платија граѓаните и со пари и со нерви и со здравје.
Но, Арсовска рече дека извојувала војна со ѓубрето, а го нарече ѓубре и несудениот премиер Мицкоски.
Откако скопските градоначаници најавија кривична пријава за Арсовска за кризната состојба со ѓубрето, ги прашувам – дали ќе одговараат кривично затоа што им ја „продадоа“ на граѓаните како одличен кандидат и најуспешна менаџерка“, пишува Соња Танеска во колумната „Ќе се самоказни ли ВМРО-ДПМНЕ што ни ја „продаде“ Арсовска како добар кандидат?“.
*
„Партија вчера објави војна на државата. И тоа не една, туку повеќе. Си ги мереа силите и се пресметуваа преку собирањето ѓубре, покажувајќи до кое дно се стигнати во практикувањето на моќта и разбирањето на демократијата. Збирштина од партиски кадри, меѓу кои и провокатори надвор од скопска „Комунална хигиена“ лежеа пред влезот на јавното претпријатие божем се на Тиенанмен и се борат против репресија и за слобода“, пишува Слободанка Јовановска во колумната „Комунална збирштина глумеше Тиенанмен“.
Д. Муратов
фото: Џабир Дерала, ЦИВИЛ