Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја засилува националистичката реторика, додека во јавноста вели дека смета на поддршката и од албанските гласови.
Тој во вторникот на партиски настан во скопската општина Ѓорче Петров пред своите сопартијци порача дека ВМРО-ДПМНЕ е сигурен победник на следните парламентарни избори но побара поддршка за да се освојат што повеќе пратенички мандати.
„Ако некој има дилема дали ВМРО-ДПМНЕ победува, ве молам да немате дилеми, ВМРО-ДПМНЕ сигурно ќе победи. Но зошто е таа важно таа победа е со што поголем број пратеници? Зошто велам 61 пратеник и мнозинство во парламентот? Затоа што денеска ние живееме под двоен апартхејд. Затоа што Македонија и владата македонска, ја владее малцинство. Ја владее малцинска партија на малцинство а тоа е ДУИ. А од друга страна, нивен коалиционен партнер и потрчко е македонската малцинска партија СДСМ. Затоа велам дека ние сме под двоен апартхејд и затоа велам дека нас ни е потребен 61 пратеник“ порача Мицкоски.
Ваквите ставови на Мицкоски се многу слични како и оние на неговиот претходник Никола Груевски кога од граѓаните пред изборите бараше над 60 пратеници за мнозинство во Собранието, за како што тогаш тој велеше да не зависел од партиите од албанскиот блок.
По тие избори тогаш, ВМРО-ДПМНЕ навистина освои 63 пратеници но на крајот повторно коалицираше со Демократската унија за интеграција, што предизвика одредено разочарување кај членовите и симпатизерите на партијата.
Извор: 24инфо.мк