Не е точно дека Заев бил исфрлен од протоколот на Меркел и дека Македонија е понижена и исклучена од иницијативата „Отворен Балкан“ и од процесот за интеграција во Европска Унија, пишува „Вистиномер“ во новата анализа. Овој наод се совпаѓа со констатациите што ги објави Цивилмедиа во содржината „Лажна и малициозна објава за средбата на Заев и Меркел“ на 15 септември.
Вистиномер ја рецензира објавата на Фејсбук на „МК Денес“, која еуфорично и бомбастично најавува „скандал“ и (дез)информира дека македонскиот премиер бил исклучен од протоколот на германската канцеларка, Ангела Меркел. Постот е доста вирален и споделуван, констатираат порверувачите на факти од оваа организација.
Постот е придружен со текст во кој се изнесени низа дезинформации поврзани со посетата на Меркел на Албанија и нејзината проштална средба со лидерите од Западен Балкан, се вели, меѓу другото, во анализата на „Вистиномер“.
„Од сето ова можеме да заклучиме дека постот што го рецензираме шири дезинформации дека Заев бил исфрлен од протоколот на Меркел и дека Македонија е понижена и исклучена од иницијативата „Отворен Балкан“ и од процесот за интеграција во Европска Унија“, пишува „Вистиномер“.
Констатациите се совпаѓаат со наодите на мониторингот тимот на Цивил медиа, кои беа изнесени во текстот објавен пред 4 дена со наслов: „Лажна и малициозна објава за средбата на Заев и Меркел“
„Лажна вест и дезинформација е вчерашната објава на порталот мкденес.мк и Фејсбук статусот на лидерот на Македонски концепт, Петар Богојески дека премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев е исклучен од протоколот на канцеларката на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел, која денес допатува на еднодневна работна посета на Тирана“, пишува во содржината на Цивил медиа.
Овој напис беше повод за демант испратен до Цивил медиа од страна на Богојески, кој ја објави спорната содржина со свој коментар на неговиот Фејсбук профил.