Причина за штетата на медиумската сфера е и долгогодишниот молк на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни уметности (АВМУ), која не може да избегне одговорност за медиумскиот хаос кој се случуваше во Република Македонија во изминативе години.
Тоа се оценува во реакцијата на Владата на оценките на АВМУ по изнесените наводи од министерот без ресор за комуникации, отчетност и трансарентност Роберт Поповски на јавната дискусија минатиот петок.
– Како регулаторно тело за медиумите во Македонија, АВМУ е директно одговорна за со години непречениот политички и финансиски диктат врз медиумите, нејасните и нерегулирани односи помеѓу операторите и медиумите, кршење на авторски права, итн. Агенцијата залудно се обидува да се скрие зад нафрлени бројки и статистики кои не дале никаков ефект за спречување на таквото безредие во медиумската сфера во земјава, наведуваат од Владата.
Додаваат дека медиумското безредие беше константно премолчувано од надлежните институции, меѓу кои првоповикана да стави ред е АВМУ, и поради тоа, укажуваат, согласно постигнатиот договор во Пржино, се формираше ад-хок тело за медиуми.
– Оттаму произлезе и потребата за измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој во себе ќе ги содржи забелешките и укажувањата на професионалците од медиумската фела, со цел експерти и познавачи на медиумските состојби во државава да ги водат органите и телата на медиумските регулатори, стои во реакцијата.
Претходно, АВМУ соопшти дека ги демантира наводите на министерот Поповски, дека Агенцијата со години не функционирала и не си ги вршела надлежностите, во контекст на реемитување странски програмски сервиси без авторски права.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.