ВМРО-ДПМНЕ продолжува со соопштенија за јавноста, по најмалку едно на ден. Денеска, меѓу другото, оваа партија тврди дека јавноста е згрозена од тоталитарното владеење на СДС, како што ја нарекуваат владејачката СДСМ.
Одлуката да се забранат референдумите на кои граѓаните треба да се произнесат дали се „ЗА“ или „ПРОТИВ“ населување на мигранти во нивната околина е најбрутално газење на основните човекови права – се вели во ова соопштение. Понатаму, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека „партијата која со години зборуваше за режим и диктатура денеска воспостави сталинистички начин на владеење“.
„СДС треба да им даде одговор на граѓаните, дали станбените објекти, кои планира да ги изгради низ општините, ќе служат за транзит или за населување на мигранти? Досега не е забележано ниту една европска држава да гради станови за транзит на мигранти. Ваквото понижување, манипулација и замолкнување на граѓаните ќе биде казнето на 15-ти октомври“ – заклучуваат во ВМРО-ДПМНЕ.