ВМРО-ДПМНЕ продолжува неуморно да соопштува за нивните барања за судска правда, демократска држава, ослободување на притворените од 27 април, мислејќи најверојатно дека вршат притисок врз јавното мислење.
Или можеби само го оправдуваат бесцелното протестирање до пред една недела. Или можеби новиот лидер Мицкоски им остава простор само онлајн да протестираат.
Очигледно во својот многу добро познат речник, го забораваат моментот на физичко насилство на 27 април, па се фокусираат само за она што, нели ниту едно демократско општество не го оспорува, гласно да се говори против политиките на власта.
„Никаде во современиот демократски свет не е видено да се притвораат граѓани затоа што гласно говореле и не се согласувале со политиките на власта. Единствено во Република Македонија, судството е целосно ставено во одбрана на партиски цели и политики. Правдата се злоупотребува. Едно важи за врвот на власта, сосема друго сите останати. Ова е притисок врз сите неистомисленици и обид за нивно заплашување и замолкнување. Ова е политичка пресметка во демократска држава со злоупотреба на државните ресурси“, велат во соопштението.
Се разбира никогаш не пропуштаат можност да спомнат дека случаите против обвинетите за настаните од 27 април се фабрикувани и дека уметници, архитекти, режисери, актери… не можат да бидат терористи. Нормално, алудирајќи дека судот работи по туѓи наредби, ОЈО нема никакви докази, а власта ги крши човековите права на притворените.
И бидејќи партијата сака да биде во служба на државата (или обратно), во соопштението неизоставен е делот за чии интереси се најбитни.
„Во интерес на демократијата и правната држава, овој политички прогон мора да прекине. Правосудството мора да работи независно. Тоа е во интерес на демократијата и граѓаните на Република Македонија“.
Во нивно време, сѐ беше во интерес на партијата, па сега да бидат фини им текнува од време навреме како заклучок да ги стават интересите на државата и граѓаните пред нивните.
„Република Македонија мора да продолжи како демократска држава, во која правото ќе важи за сите. Институциите не смеат да се злоупотребуваат против граѓаните, тие мора да бидат во нивна служба“, е заклучокот на денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Од новиот лидер, Христијан Мицкоски, се очекува да биде нешто повеќе, во наш контекст, нешто помалку од Груевски и ако може да ја смени досегашната партиска реторика.
А, за наредната година да почне и да ги признава партиските грешки, можеби една третина од тоа ќе му се прости.
А, можеби и не.
Б.Јордановска