ВМРО-ДПМНЕ продолжува со рециклирање на старите соопштенија и по промената на врвот, што е уште еден индикатор за тоа дека промените во оваа партија се само козметички. Така, во денешното соопштение се забележува добро познатиот вокабулар:
„Хунтата на власт по директива на Зоран Заев врши класична тортура, политички прогон, малтретира и затвора политички неистомисленици. На удар се чесни и искрени патриоти, чиј единствен грев е што си ја сакаат сопствената држава. Десетиците притворени македонски граѓани не се терористи, туку луѓе со реноме, углед, чест, достоинство и долгогодишни кариери кои никогаш не сториле никакво дело кое се коси со законот. Хунтата продолжува да се изживува со нив и во истражниот затвор. Притворените се оставени на минусни температура во ќелии со мувла во кои што нема греење, а прозорите се расипани. Ова нечовечно и бездушно постапување на хунтата на власт мора да заврши. Овој политички прогон мора да запре, граѓаните заслужуваат правна држава, слобода и еднаквост за сите.“ – гласи соопштението.
Новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, во јавноста излезе со помирлив тон, иако низ празни фрази, говорејќи за потребата од помирување. Сепак, неговата партија, со ултимативен тон бара: „1. Безусловно запирање на сите овие процеси на политичкиот прогон; 2. Итно и безусловно стопирање на малтретирањата, на теророт и изживувањето кое го прави СДС; 3. Итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој класичен политички прогон.“
Одамна стана здодевно, но денешното соопштение, на самиот почеток на владеењето на третиот претседател во историјата на оваа партија, јасно говори за тоа што може да очекуваме и во иднина.
Џабир Дерала