За референдумот на 30 септември за гласање се пријавени 1.859 болни и немоќни лица во 69 од 80 општини.
Гласањето за нив ќе се спроведе на 29 септември, кога членови на избирачките одбори ќе ги посетат во нивните домови.
Најмногу болни и изнемоштени за гласање се пријавиле во Демир Хисар – 145, во Прилеп – 143, во Струмица 107 и во Крива Паланка 100.
На локалните избори во 2017 година за гласање биле пријавени над 5.400 болни и изнемоштени лица.
Во контекст на Изброниот законик, како во изминатите години, така и овој пат ЦИВИЛ реагира на неусогласеностите и неправилностите во истиот.
„Ние во изминатиот период забележуваме многу фалинки во изборниот законик пред сè во однос на тоа дали и колку граѓанките и граѓаните можат да гласаат во одредени околности. веќе зборувавме за тоа дека едноставно оние кои ќе се најдат на 30 септември надвор од државата нема да може да си го искористат правото на глас заради тоа што немаат регулирано престој во таа држава. во соседните земји тоа е регулирано со една до две линии во законите и на луѓето им се овозможува правото на глас да го практикуваат со само еден телефонски разговор и со само еден допис до конзуларните преставништа на таа држава. Тоа не се направи.
Сега имаме ситуација луѓето што се болни, односно тие што не знаат дека ќе се разболат на денот на гласање, нема да може да ко искористат своето право ако седум дена пред тоа не ја најават својата потреба да гласаат дома. Значи, ако се разболиш пет дена пред референдумот не ќе може да гласате од дома туку ќе мора да се снаоѓате да одите до гласачкото место за да го направите тоа.
Апелираме до државните институции, до ДИК, до Собранието да спроведат некои итни мерки кои се во рамки на законот и да обезбедат гласање на сите граѓан(к)и со право на глас. Што е можно побрзо и поефикасно да им овозможат такво нешто бидејќи според уставот имаат обврска да им овозможат услови за гласање на сите граѓанки и граѓани со право на глас“, изјави Џабир Дерала, претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода.
К. С.