Со усвојување на предлог-законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, свечена собраниска седница и симболично подигање на знамето на НАТО пред зградата на Собранието, привршува македонскиот пат кон полноправно членство во НАТО, кој трае веќе речиси 28 години.
Патот, кој почнал во мај 1992 година со Одлука на Советот за безбедност под раководство на претседателот Киро Глигоров, со консензус потврдена од Собранието на 23 декември 1993 година, официјално ќе заврши кога Министерството за надворешни работи изгласаниот протокол ќе му го предаде на американскиот Стејт департмент, „чувар“ на Северноатлантскиот договор. Во меѓувреме, уште Шпанија треба да го ратификува протоколот за членство.
– Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци, граѓани на татковината, заедно сме рамо до рамо со најсилните демократски земји во светот. По долги години изолација и стагнација, конечно го отворивме патот за членството во НАТО, рече поранешниот премиер Зоран Заев, кој протоколот за членство во Алијансата го нарече „најважниот документ од независноста на државата до сега“.
НАТО, или Организација на северноатлантскиот договор, е формиран со Вашингтонскиот договор на 4 април 1949 година, склучен меѓу 12 земји: САД, Белгија, Канада, Данска, Франција, Исланд, Италија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија и Британија. Договорот е изменет само еднаш, на 15 февруари 1951, кога е изменет членот 6 поради протоколот со кој Грција и Турција му се приклучиле на НАТО. Оттогаш се склучени 16 други протоколи, или анекси на договорот, за секоја нова членка. Македонскиот е 18-ти протокол за прифаќање на оригиналниот договор.
Предвремената ратификација на македонскиот протокол за членство не е преседан. Во 2017 година тоа го сторила и Црна Гора, пред нејзиниот протокол да биде ратификуван од Холандија и Шпанија.
Суштината на Северноатлантскиот договор е принципот на колективна одбрана, според кој, наједноставно кажано, напад врз една е напад врз сите членки на НАТО. Принципот е опишан со членот 5 од Договорот, досега активиран само еднаш, како одговор на терористичките напади на САД на 11 септември 2001 година.
„ Страните се согласни дека оружениот напад против една или повеќе од нив во Европа или во Северна Америка ќе се смета за оружен напад против сите нив и поради тоа се согласни дека доколку се случи таков оружен напад, секоја од нив, користејќи го правото на поединечна или колективна самоодбрана признаено со член 51 од Повелбата на Обединетите нации, ќе и помогнат на страната или на страните кои се нападнати, преземајќи – поединечно и во соработка со другите страни, мерки што се сметаат за неопходни, вклучувајќи и употреба на оружени сили,заради возобновување и одржување на безбедноста во Северноатлантската област. За секој таков оружен напад и за сите мерки преземени како резултат на истиот, веднаш ќе биде известен Советот за безбедност. Таквите мерки ќе бидат прекинати кога Советот за безбедност ќе преземе мерки коишто се неопходни за возобновување и одржување на меѓународниот мир и безбедност“, гласи Членот 5.
Иако сите воени капацитети на членките се активираат во случај на колективна одбрана, НАТО има и постојано активни сили, како трупите во операции во Авганистан, Косово и Африка, силите за контрола на воздушниот простор и поморските сили во Средоземното Море, меѓу кои е и американскиот носач на авиони „Хари С. Труман“, што во декември го посетија тогаш премиерот Зоран Заев и неговата заменичка и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заедно со своите бугарски колеги Бојко Борисов и Красимир Каракачанов.
„И тој носач на авиони Труман е дел веќе од нашата одбрана. И тие авиони на носачот, и овие денеска во базата, се дел од нашата одбрана. Сите тие, повеќе од 5000 војници на носачот на авиони, се дел од нашата одбрана, исто како што нашите капацитети, се дел од НАТО системот“, рече тогаш Шекеринска.
Македонските војници веќе 18 години учествуваат во операциите на НАТО. Од симболичниот почеток со двајца офицери за врски во турскиот контингент во Авганистан, досега повеќе од 4.000 рипадници на армијата учествувале во операции предводени од НАТО – мисијата на Меѓународните безбедносни сили – Авганистан (ИСАФ) од 2002. до 2015 година, и новата операција „Одлучна поддршка“ од 2015 година до денес.
Игор К. Илиевски
Прочитајте повеќе:
Македонија чекор поблиску до НАТО
НАТО влегува во Законот за одбрана
АРМ со нови „фондови“ за пензии и оружје и нови правила за трошење
И пензиите стануваат „трошоци на одбраната“
Речиси 25 милиони евра за опрема која ќе се набавува долгорочно
Се носи нов закон и се враќа стар систем за набавки
Допрва ќе следат трошоците за мисии во странство и членството во НАТО