Вестминстер фондацијата за демократија во партнерство со Високата школа за новинарство и односи со јавноста, започнува двегодишен проект, во кој можност за учество ќе имаат осум граѓански организации регистрирани во Македонија. Повикот е објавен денеска на веб-страната на Вестминстер, каде сите заинтересирани граѓански организации ќе можат да се информираат за проектот, условите за аплицирање и самата апликација.
ЦИВИЛ Медиа, разговараше со Ивана Петкуќеска, програмски координатор во Вестминстер, за целта на проектот.
“Целта е потикнување на законски промени, иницирани од граѓанскиот сектор, во една од осумте области кои се наведени во повикот, а се однесуваат на човекови права. Можат да аплицираат сите здруженија на граѓани кои се регистрирани, како и регистрирани коалиции и мрежи кои овие здруженија ги основале. Исто така, право да аплицираат имаат и грасрут движења. Доколку коалицијата/мрежата не е формално регистирана, треба една од организациите да биде носител на апликацијата”, вели Петкуќеска.
Приоритетни теми на проектот се: Медиуми и слобода на изразување, Судство, Дискриминација и маргинализирани групи, Животна средина, Образование, Миграција, Социјална заштита и Здравствена заштита.
Како што е наведено во повикот, проектот предвидува мали грантови за избраните иницијативи, со цел – спроведување на истражувања врз основа на кои ќе се подготват документи за јавни политки базирани на податоци, како и активности за застапување на понудените законски алтернативи во овие документи.
Проектот е финансиран од Европската унија, и ќе трае до 30 ноември 2017. Краен рок за повикот е 15 март 2016.
Марија Теговска