Српскиот претседател Александар Вучиќ одговори на новинарско прашање дали е подготвен да се дистанцира од Владимир Путин, а што позитивно ќе се одрази на преговорите на Србија со ЕУ. Вучиќ одговори дека од почетокот на нападот врз Украина немал личен контакт со руските официјални лица така да нема од што да се огради, бидејќи позицијата на Србија кон Украина е јасна.
„Ние го почитуваме територијалниот интегритет на Украина и никогаш не се изјаснивме против тоа. И во Генералното собрание на ОН, ние поддржавме дека нападите и заканите за територијалниот интегритет на Украина се неприфатливи“ – изјави Вучиќ.
По сѐ појасните сигнали од српското државно раководство во кои се гледа оддалечувањето на Србија од руската политика, прашање на време е кога Србија ќе ги разгледа опциите за придружување кон санкциите против Путиновиот режим.
И помошник државен секретар на САД, Викторија Нуланд, на Твитер го изрази своето задоволство од разговорот со Вучиќ и неговата поддршка за Украина.
„За нас се добредојдени добрите односи на Србија со соседите и континуираниот прогрес на европскиот пат“ – напиша Нуланд.