МАЈА АНЧЕВСКА
Иако од 1993 година 3 мај е прогласен за светски ден на слободата на медиумите, кога Собранието на ОН ја истакна важноста на независноста на медиумите и денес, во 2022 година, далеку сме од таа медиумска слобода. За жал, Северна Македонија според индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“ е на 90 место од 180 земји ширум светот.
Мислам дека на 3 мај не треба само да се зборува и да се укажува пред сѐ на слобода на еден медиум, туку дека треба да се зборува и за правата на еден новинар. Како ќе имаме слобода на медиуми, ако немаме слободен новинар, немаме заштита на еден новинар и новинарот е лишен од одредени права? Дали може да имаме вистинито пласирање на информациите кога еден новинар работи за подминимален хонорар, кога младите новинари известуваат без пари, а од друга страна немаат никаква заштита, па ни здравствено осигурување. Тоа е само еден од фактите кои го прават недостижно слободното медиумско известување, бидејќи со тежнеење да си обезбедат парче леб, лишени се од сите права како новинари.
Но, и новинарите со долгогодишна и реномирана кариера се изложени на секакви навреди, особено сајбер навреди, вербални напади без да бидат заштитени. Така што, за каква слобода на медиуми ќе зборуваме кога, пред сѐ, новинарите не уживаат никаква заштита. Сакале ние или не сакале да признаеме, новинарите не се доволно ценети и почитувани, а кога ќе изнесат некоја вистинска информација се мета на критики и осудување без некој да застане во нивна одбрана, едноставно се препуштени сами на себе. Така што, вториот факт кој нѐ оддалечува од слободно и вистинито новинарство, а ја загрозува медиумската слобода, е безбедноста на новинарот.
Оттука плурализмот, независноста на медиумите, безбедноста на новинарите и егзистенцијалните права, се клучни компоненти за слобода на медиумите. Се додека сме далеку од овие компоненти нашите медиуми ќе тапкаат во место, а јавноста ќе биде лишена од вистинити и точни информации.
Се надевам дека штом ќе стапи на сила европски закон за слобода на медиумите, што беше најавен од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе завладеат и правилата за независност на медиумските регулатори, транспарентност на сопственоста на медиумите, а уредувачките одлуки ќе бидат ослободени од мешање на други актери.