Здружението за развој и активно делување на граѓанскиот сектор „За нас се работи“, на 14 јуни (четврток), во хотелот „Театар“ во Битола, со почеток од 18 часот, ја организира петтата од серијата јавни трибини и дебати во рамките на проектот „Граѓанска вклученост за решавање на проблемите во животната средина“. Темата на трибината е „Граѓански активизам – активно и директно учество на граѓанинот во процесите на донесување и имплементирање на одлуките во локалната самоуправа“.
Говорници на дебатата ќе бидат Џабир Дерала и Синиша Станковиќ од ЦИВИЛ – Центар за слобода и Филип Јовановски од „Плоштад Македонија“.
Проектот „Граѓанска вклученост за решавање на проблемите во животната средина“ вклучува низа активности низ Битола и Пелагонискиот регион во период од 18 месеци и е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество кој го спроведува Фондацијата Отворено Општество – Македонија.