Владата на вчерашната седница ги разгледа препораките на Комисијата за заразни болести за задолжително носење заштитни маски на отворено и за забрана за групирање во домови на семејни прослави и на повеќе од четири лица на јавен простор по 22 часот, при што заклучи дека за нивно спроведување ќе бидат неопходни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести.
Во соопштението се наведува дека за воведување на новите рестриктивни мерки неопходно е да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести, со што ќе се обезбеди можност за нивна имплементација со подзаконски владини акти.
„Во врска со овие препораки Владата донесе заклучок дека за нивна реализација е неопходно да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести со што ќе се обезбеди можност со подзаконски акти Владата да ги уреди предложените мерки со цел спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел заштита на населението од заразни болести“, стои во соопштението на Владата.
Комисијата за заразни болести минатата недела предложи воведување мерки задолжително носење заштитни маски или заштитна опрема секаде при престој на отворено, во јавни објекти, на работни места и во јавен и приватен транспорт, потоа за забрана за групирање во домови на семејни прослави при што се предлага на семеен настан во едно живеалиште да може да се примат најмногу четири луѓе, како и да се забрани групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22 часот, односно да се забрани групирање по паркови, јавни површини или каде било на отворено.
На оваа седница е разгледана и усвоена Информацијата за склучување на Договор за преземени обврски помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Глобалниот сојуз за вакцини (ГАВИ) (GAVI ALLIANCE), за набавка на вакцини за КОВИД-19 преку COVAX механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини за КОВИД-19, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација, и е прифатен текстот на Обврзувачкиот договор за набавка на вакцините.
„Владата побара од Бирото за јавни набавки да предложи најсоодветен начин за остварување на оваа набавка и го овласти министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче да го потпише Договорот за преземени обврски со Глобалниот сојуз за вакцини за набавка на вакцини за КОВИД-19 преку COVAX и во координација со Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата да ги обезбедат потребните финансиски средства за да се изврши уплата на аванс и да се обезбеди финансиска гаранција согласно потпишаниот Договор за преземени обврски со Глобалниот сојуз за вакцини (ГАВИ) (GAVI ALLIANCE), за набавка на вакцини за КОВИД-19 преку COVAX механизмот за пристап до безбедни и ефективни вакцини за COVID-19, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација“, соопштуваат од Владата.