Собранието вчера ги усвои измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, а истиот предвидува носење лична заштита на лицето и тоа: респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично, при излегување надвор од домот односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејност претставуваат место на собирање на повеќе лица (државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени установи и слично).
Законот ja регулира и самоизолацијата, односно таа е задолжителна при тестирање за коронавирус КОВИД-19 од закажување на тестот или самото тестирање до добивање на резултатот, а самоизолацијата продолжува доколку резултатот е позитивен.
Забрана за групирање на јавен простор (паркови, јавни површини или било која површина на отворено) во одредени периоди од деноноќието и други мерки утврдени со закон.
За неносење маска на отворено предвидена е парична казна од 20 евра, а за прекршителите на членот од Законот кој ја регулира самоизолација предвидена е казна од 50 евра, а тие што ќе се групираат на отворено ќе платат казна од 500 евра.
Од Влада информираат дека Законот го регулира и лекувањето на лицата заболени од КОВИД-19 и дека освен лекување во јавните здравствени установи, по медицински индикации болните можат да се лекуваат и изолираат и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија или во домашни услови, доколку за тоа постојат услови.
„Приватните здравствени установи за да лекуваат пациенти од КОВИД-19 треба да имаат согласност од Министерството за здравство дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија. Доколку во ЈЗУ се исполнети капацитетите за лекување на болни од КОВИД-19 по претходно дадена согласност од Министерството за здравство, лекувањето на лицата може да се врши и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија“, информираат од Влада.
Министерот за здравство Венко Филипче, образложувајќи го законот, истакна дека новите измени на Законот произлегуваат од се поголемиот број регистрирани случаи и преполнување на болниците, како и, како што рече, поучени од искуствата и спроведувањето контрола од претходно пропишаните превентивни мерки.
„Со измените се уредува најпрво начинот на лекување на пациентите во смисла на институциите каде што се лекуваат, што сега е уредено со уредба со законска сила што важи до 31 декември и има потреба да се продолжи и понатаму, со оглед на тоа што е очигледно дека пандемијата не стивнува, како и зголемување на ингеренциите на инспекторатите во однос на контролата на спроведувањето на новите мерки“, рече Филипче.
Вчера во земјава беа регистрирани нови 870 случаи на КОВИД-19.
Според информациите од Министерството за здравство, вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 28 697, од кои оздравени се 19 771, починати 963, а бројот на активни случаи изнесува 7 963.