На граѓанскиот протест против руската агресија врз Украина, присуствуваше и Амбасадорката на Украина, Наталија Задорожњук. Таа пред новинарите даде емотивна изјава за состојбите во нејзината земја.
Амбасадорката Задорожњук ја извести јавноста дека рускиот агресор таргетира цивилни цели и дека не ги почитува ниту договорите за обезбедување коридори за бегалците.
Меѓу другото, Задорожњук изјави дека на Украина итно ѝ е потребна помош од НАТО, а се заблагодари за сета помош што ја добива Украина од сите, како што ги нарече „цивилизирани земји во светот“, а воедно упати искрени изрази на благодарност и до нашата земја и нејзините граѓанки и граѓани.
„Ние ќе се бориме до крај. Кога е во неволја, нашиот народ се обединува, без оглед на разликите во политичките гледишта. И дијаспората се обедини, како и тука, како што гледаме. Овие денови, 70.000 Украинци од дијаспората се вратија во својата земја, знаејќи дека можат да умрат, но сакаат да се борат за својата земја“ – изјави, меѓу другото, амбасадорката Задорожњук.
Таа ја нарече руската агресија варварска, затоа што не ги почитува меѓународните конвенции и дека раководството на Русија треба да биде изведено пред трибуналот на меѓународната правда.
„Убедена сум дека ќе победиме“, рече украинската амбасадорка.
Задорожњук побара побрзи и поголеми санкции, за да биде помала цената што ќе ја платат Украинците за својата слобода. Таа го повтори главното барање на украинската влада деновиве, а тоа е да се забранат летови на украинскиот воздушен простор.
„На земја, ние се бориме. Херојски се бориме. Но мора да се затвори небото. Имаме атомски централи. Запорошката централа е најголема во Европа. Запорошката и Чернобилската централа се сега под контрола на окупаторот“, предупред Задорожњук.
Таа посочи на можностите како да се изведе тоа, преку НАТО или ОН, но истакна дека воздушниот простор мора да се затвори.
„Русија води војна со целиот свет. А Украина води војна ЗА целиот свет. Ние ќе победиме“, изјави украинската амбасадорка, Задорожњук.
А.М.