Проблемот настанува кога на листата има некој неизбежен по роднокрајна, соседска или некоја друга основа. За него мораш да гласаш, а веднаш до него е некој за кој не би гласал ни после дооолго седење во омилената кафеана. Ама од судбината нема бегање и одлуката од судбинска важност мора да се донесе. Треба да се помират симпатијата и антипатијата, но не е лесно да си гласач и граѓанин. Можеби и тоа е причината за постотокот неважечки ливчиња на крајот, ама тоа никој не може да го докаже, а таму во тој сив регион на нејаснотии сме во врвот на светот., пишува Војо Маневски во својата колумна „Дупови и дупки“ (15 септември).
Да не се разбереме погрешно: демократската дебата не само што е нормална, туку е и неопходна за важни (и помалку важни) општествени проекти и процеси – без тоа нема корекција на оние кои владеат со земјата. Но, „заробувањето“ на јавноста во една перманентна негативистичка, црна, депресивна, непријателска, линч-атмосфера не користи никому, а им штети на сите. читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „ Попис: Крајот на светот е одложен на неодредено време “.
БИЛАТЕРАЛА: Денеска во Скопје ќе се одржи заедничка седница на владите на Република Северна Македонија и Република Косово.
ДЕБАТА: Јавна дебата посветена на зајакнување на механизмите за соработка меѓу организациите на лицата со попреченост, новинарите и надлежните институции во организација на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија (НСИОМ).
ПАНЕЛ: Форумот на жени на ДУИ, огранокот во Гостивар, во Центарот за култура, организира панел дискусија на тема: „Не молчи. Стоп на насилството врз жените“.
МОБИЛНОСТ: Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, во Градски парк – кај Школка, ќе се обрати на отворањето на Европската недела на мобилност 2021.
СОБРАНИЕ: Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за економски прашања, за образование, наука и спорт и Законодавно-правната комисија. Комисиите ќе расправаат по повеќе предлог закони и закони за измени и доплнувања.
КУЛТУРА: Вечерва во Битола, со проекција на македонскиот филм „Сестри“, почнува 42. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.
МОНИТОРИНГ: Во тек е повикот за аплицирање за краткорочни изборни набљудувачи на ЦИВИЛ. Крајниот рок за пријавување е 30 септември, до 17 часот. Од организацијата информираат дека е доволно да се аплицира само еднаш и дека сите што аплицирале, без исклучок, поединечно ќе бидат информирани дали нивната апликација е прифатена или не.
КОМУНИКАЦИЈА: Редакцијата ги повикува граѓанските организации и други заинтересирани субјекти да ги испраќаат своите соопштенија, најави за настани и активности, секој ден, најдоцна во 8 часот наутро, за да се најдат во утринскиот преглед на најави на нашата медиумска платформа. Се разбира, прилозите пристигнати по тој термин, исто така, ќе бидат земени предвид за објавување.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев