Капиталните инвестиции значат живот за националната економија. Градиме инфраструктура, се поврзуваме со соседите и со регионот. Во Предлог-буџетот за 2022 година капиталните инвестиции се планирани на историски највисоко ниво од 37,8 милијарди денари и се повисоки од буџетскиот дефицит, пишува премиерот Заев на неговата официјална Фејсбук страница.
Како што информира Заев, за патната инфраструктура само за Коридорот 8 издвоени се 6 милијарди денари, се вложува во изградба на нови автопатски делници: Тетово – Гостивар – Букојчани и Требеништа – Струга – Ќафасан, на Коридорот 10-д предвидена е изградба на делницата Прилеп – Битола, а продолжува изградба на автопатите Кичево – Охрид, Скопје – Блаце, експресните патишта Градско – Дреново, Дреново – Фариш, 2-та фаза на Штип – Радовиш, Крупиште – Кочани, како и Ранковце – Крива Паланка. Дополнително, преку ЈПДП, продолжува рехабилитацијата на магистралните патни правци.
„Во делот на железничката инфраструктура во 2022 година, започнуваме и со изградба на пругата кон Бугарија, делницата Куманово – Бељаковце – Крива Паланка, финансирана од Европската банка за обнова и развој и со грант од Европската Унија“, посочува премиерот Заев во објавата.
Според Заев, интензивно се работи и на обезбедување на финансиска конструкција и за третата фаза од пругата кон Бугарија, од Крива Паланка до Деве Баир.
„Силно сме посветени на модернизација на Европските коридори и на економскиот развој на Северна Македонија“, пишува Заев на Фејсбук.