ВЕСТ НА ДЕНОТ: Заев го доби мандатот, има рок од 20 дена да состави Влада
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев го доби мандатот за составување нова влада од претседателот на државата Стево Пендаровски.
„Врз основа на член 84, согласно член 90 од Уставот и предлогот на коалицијата „Можеме“, за мандатар за состав на влада го определувам Зоран Заев, претседател на СДСМ и пратеник во Собранието“, рече Пендаровски.
„Чест и одговорност ми е што како предводник на СДСМ и коалицијата „Можеме“, кои освоија најмногу пратенички места во Парламентот, денеска од претседателот Пендаровски го добивам мандатот за составување нова, политичка, европска, демократска и одговорна влада со институции кои уште повеќе и подобро ќе им служат на граѓаните. Од овој момент, во рок од 20 дена имаме задача да создадеме програма и кадри на кои Собранието ќе има додели мандат да им служат на граѓаните“, изјави Заев.
Мицкоски бараше средба кај Пендаровски, по што соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ ги замрзнува односите со него
Мицкоски со партиската пратеничка група попладнево во 15:30 часот побараа и добија средба кај Пендаровски во вила Водно, каде бараа од него да им ги соопшти аргументите и доказите врз основа на кои му го додели мандатот за формирање нова влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„По она што денес се случи, а тоа е неуставно доделување мандат на пратеник, кој нема докажано мнозинство во рамки на парламентот, имавме средба со претседателот Стево Пендаровски. По час и половина дискусија, заклучивме дека денеска Зоран Заев изразил уверување дека ќе работи на создавање паралемнтарно мнозинство“, изјави Мицкоски, по средбата со Пендаровски.
„Истовремено како се менуваше Изборниот законик на ден пред почнување на изборната кампања со што СДСМ беше фаворизирана. Истото денес го стори Пендровски со доделување мандат на лице кое нема во моментов парламентарно мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ од овој момент ги замрзнува односите и комуникацијата со Стево Пендаровски и ќе ги преиспита политиките кои ќе ги води во однос на кабинетот. За жал, се приватизирани институциите за личен и партиски интерес“, рече Мицкоски.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои беа пред вилата на Водно, не сакаа да одговорат на прашањата екипата на ТВ21.
„Тие кратко не упатија да го чекаме партиското соопштение“, пишуваат од ТВ21.
ЦИВИЛНИ ВЕСТИ
Повикот на ЦИВИЛ до своите членови, поддржувачи, соработници и сите заинтересирани граѓанки и граѓани да учествуваат во новата акција: Граѓански форум за учество во креирање на владините политики допре до голем број граѓанки и граѓани, активисти и поддржувачи на организацијата. На нашите електронски адреси веќе пристигнаа голем број пораки со артикулирани барања до идната влада, коишто веќе се објавуваат на медиумската платформа на ЦИВИЛ.
Александар Филиповиќ, активист и соработник на ЦИВИЛ, пишува:
„Без оглед на тоа кој ќе успее да состави Влада, очекувам поголема транспарентност, еднакви можности за сите и зајакнување на граѓанскиот концепт.
Бидејќи во минатото се имаме среќавано со доста случаи од социјално ранливите категории, за кои на некои од тие случаи не беше укажана и остварена помошта која со закон следува, или пак беа доведувани до степен да мораат јавно да излезат и да кажат дека државата т.е институциите не користат ништо од своите капацитети и дејства и покрај упорноста на засегнатите. Од новата Влада јас лично очекувам да се поведе сметка“.
СКЕН – политички видео магазин: Влада… каква Влада?
Веднаш по предвремените парламентарни избори на 15 јули 2020, уште во очекување на официјалните конечни резултати, веќе почнаа калкулациите за тоа кој со кого и како ќе формира Влада. Изборите, впрочем беа за избор на пратеници во Собранието, но како и секогаш се бираа партии, се бираше по функции и разно разни идеологии, се бираше по сопствена волја и демократски во услови на пандемија со мерки за заштита од Ковид-19…
ЦИВИЛ го осудува говорот на омразата кој се открива во изјавата на директорката на Здравствен дом во Делчево, Марија Глигоровска, во која таа открива дека една пациентка е, како што вели, од „ромската популација“.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Поранешниот спикер на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери ја одложи денешната конститутивна седница, откако синоќа на својот Фејсбук профил објави дека се породила неговата ќерка Бесиана и го родила малиот Фрашер.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев по примањето на мандатот за составување влада рече дека денеска ќе има средба со претседателот на ДУИ Али Ахмети за да ги продолжат разговорите.
Американската амбасадорка во земјава, Кејт Мари Брнз денеска на лидерот на СДСМ, Зоран Заев му го честиташе мандатот за состав на нова влада, кој претходно му го додели претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Лидерите на Алијансата за Албанците и Алтернатива Зијадин Села и Африм Гаши нема да одат на средбата на челниците на партиите од албанскиот политички блок што денеска напладне ја организираше претседателот на ДУИ Али Ахмети. На средбата нема да оди ниту лидерот на Беса Билал Касами.
Пред деветнаесет години на денешен ден е потпишан Рамковниот договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во земјава во 2001 година.
СЛОБОДНА ЗОНА
Павле Богоевски напиша „Отворено писмо до другарите и другарките Албанци по повод денот на потпишување на Рамковниот договор“
„Ние имаме многу меѓуетнички проблеми на кои треба да работиме – рамноправниот регионален развој, урбанизацијата на населените места, еднаквиот пристап до права и можности – но тие проблеми не смеат да бидат фолклорни по својата природа“.
Ерол Ризаов пишува „Охридскиот рамковен договор треба да е национален празник“, додавајќи:
@Единствената лоша работа поврзана со Рамковниот договор е неговата бавна и нецелосна имплементација. Поразени се единствено жртвите на конфликтот, нив не можеме да ги вратиме, сите други се победници, државата, Македонците, Албанците и сите други граѓани. Повикувањето да се укине договорот е исто како да уринирате на гробот на жртвите, кои животот го изгубија за да ние денес изградиме подобра држава и општество, за да бидеме денес членка на НАТО и да преговараме за влез во ЕУ“.
По изјавата на директорката на делчевскиот Здравствен дом, Марија Глигоровска дека „ромската психоза е подруга“, Дехран Муратов пишува: „Само во главите на дискриминаторите има „посебна ромска психоза“!“
„Во најмала рака, директорката треба да им се извини на Ромите. А за ваквата дискриминаторска и стереотипна изјава на директорката на делчевскиот Здравствен дом, Глигоровска, надлежните од Министерството за здравство треба веднаш да реагираат и согласно законските должности да ја санкционираат“!
Д. Муратов