„Со Договорот од Преспа се стави крај на една епизода од незавршениот мир на Балканот“, изјави премиерот Зоран Заев од денешната дебата „Силна економија – шанса за сите“, која ја организира Владата на Република Македонија кој се одржува во Велес.
Заев истакна дека спроведувањето на Преспанскиот договор го отвора патот за подобра иднина на македонските граѓани, но и за целиот Балкан, за неговата политичка стабилност каде тој ќе биде место со поврзани соседи, зона на економски процут и модел за интеграција.
Тој ја искористи приликата, уште еднаш да му честита на својот колега Алексис Ципрас, за изгласувањето на Договорот во грчкиот Парламент, но и на членовите на парламентите на двете земји кои го поддржаа и го дадоа својот глас за иднината.
„Разрешивме спор кој ни го прикажуваа како нерешлив. Јас и мојот пријател Ципрас минатото лето постигнавме Договор. Заедно нашите тимови предводени од министрите за надворешни работи дојдовме до откровение – секоја страна треба да даде нешто за да може секој да добие многу повеќе за возврат од тоа што го дала. Сега имаме верификувано суштинско пријателство. Од денеска тргнуваме со уште поголема сила да ги зближуваме граѓаните и народите на двете земји. Иднината нема веќе да ја гледаме како фатална судбина, туку како заеднички пат поплочен со пријателски намери и вредности кои произлегуваат од заедничкото европско смејство“, истакна Заев.
Според него, постигнувањето на договор не било лесно, но беше повеќе од потребно за двете земји и за двата народи. Тоа, рече, беше нужен влог за децата и граѓаните да живеат подобро.
„Храбрите граѓани избраа да ги избркаат сеништата од минатото и на светот да му дадат Балкан од кој извираат можности и политичка стабилност, место со поврзани соседи, зона на економски процут, модел за интеграција. На Европа и на светот им треба стабилност и соработка за решавање на глобалните проблеми што се и наши проблеми“, истакна македонскиот премиер.
По ова, додаде, на земјата и останува да работи на унапредување на економијата и обезбедување подобар живот за сите граѓани.
М. Ивановска