Официјалната претставничка на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека протерувањето на руските дипломати од Северна Македонија ќе има негативни последици, пренесува Комерсант.ру.
„Скопје на 15 април ги прогласи шестмината дипломати за персона нон грата и тие мора да ја напуштат државата во рок од пет дена. Реакцијата на Москва на ова ќе следи“, рече Захарова.
„Уште една немотивирана акција против нашите вработени неминовно ќе има долгорочни негативни последици за руско-северномакедонската соработка“, коментира претставничката на руското МНР.
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија на 15 април соопшти дека шестмина дипломати во Амбасадата на Руската Федерација во Скопје се посочени како непожелни во државата или персона нон грата со образложение дека ја прекршиле Виенската конвенција за дипломатски односи.
Западните земји, како одговор на руската специјална воена операција во Украина, почнаа масовно да ги протеруваат руските дипломати.
подготвил Жерж Димовски