Полицијата утврди дека се лажни дојавите за поставени бомби во молот „Ист Гејт“, хотелите „Александар палас“, „Мериот“ и „Сенигалија“, салата „Борис Трајковски“ и во дел од училиштата, соопштија од МВР.
Полицијата претходно заврши со проверките на Скопскиот аеродром и дел од училиштата и исто така утврди дека станува збор за лажни пријави.
Утринава ЦИВИЛ објави дека од „Александар палас“ се eвакуираат гостите и вработените, како и дека е откажана денешната годишната конференција на Стопанската комора на Северна Македонија на која требаше да се обрати премиерот Димитар Ковачевски. Меѓу учесниците на конференцијата во „Александар Палас“ беа и министрите за економија Крешник Бектеши и за финансии Фатмир Бесими.
Ова е прв случај на дојава за поставена бомба на настани на кои предвидено е да присуствуваат политичари.
Деновиве цел на дојави за бомби, покрај училишта, се и институции, трговски центри и други објекти.
Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани досега рекордни 49 дојави за бомби, за кои полицијата по проверките посочија дека се лажни.