Во Кривичниот суд од утре продолжуваат судењата на СЈО, каде за неделава се закажани вкупно пет нови рочишта за случаите „Тендери“, „Т.Н.Т“, „Транспортер“, „Монструм“ и „Насилство во општина Центар“.
Рочиштето за случајот „Тендери“ ќе се одржи во вторник, каде првообвинета е поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа Милевска, за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“.
За предметот „ТНТ“ е најавено рочиште во среда, а се однесува за уривањето на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски. Меѓу обвинетите во случајот се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски.
Во четврток ќе се одржат рочишта за предметот „Транспортер“, кое се однесува за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола за што се гонат поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески и уште 20-тина лица и повторената постапка за „Монструм“.
Во петок е закажано судското рочиште случајот „Насилство во Општина Центар“, каде обвинети се 14 лица, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова.
А. П.