Непознати сторители ноќеска околу 01:20 ч. по полноќ го запалиле автомобилот марка „Сузуки Свифт“ сопственост на новинарот Зоран Милошески од Прилеп, долгогодишен новинар, дописник на бројни медиуми.
Соседите го пријавиле случајот во полиција. Извршен е увид, а истрагата е во тек. Милошески се сомнева дека случајот е порачан од политичко-криминални структури во Прилеп, коишто години наназад се во фокусот на неговиот критички новинарски осврт.
„Моите спиеја, кога во еден момент чув сирени од противпожарно возило, и видов ротациони светла. Сфатив дека нешто се случува во неспоредна близина на мојата зграда. Кога го отворив прозорецот ги видов пожарникарите, како го гаснат возилото. Сериозно сум вознемирен, зашто ова не е прв пат. Особено голема ми е грижата за децата. Некои се храбри до таа мерка, што овој пат, влегле во гаражата и ми го запалиле возилото. Зарем треба да се грижиме за нашата лична безбедност. На овие структури итно мора да им се стави крај“, порачува новинарот Милошески.
Тој крајно револтиран бара итна акција од надлежните и откривање на сторителите. Зашто во една година, ова е втор инцидент со кој се соочува.
„Ако државата не може да ни ги заштити животот и имотот, што треба ние лично да направиме? Да се самоогранизираме во сопствена одбрана? Сторителите коишто пред една година ја запалија вратата на мојата гаража се уште не се откриени. Ниту има индиции дека полицијата им е на трагот. Ниту пак полицијата воопшто ме информирала до каде е тој случај“, вели Милошески.
Тој е добитник на повеќе новинарски награди, меѓу нив и на прва награда од конкурсот за најдобра сторија на граѓански новинар, во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода.
Г.К.