Управата за извршување на санкции и Управата на затворот Скопје итно да преземат мерки за почитување на достоинството и интегритетот на притворениците во затворот во Скопје, бидејќи Народниот правобранител при посетите утврдил дека претресите на притворените ги вршат во „дежурната“ просторија, каде што лицата се изложени на погледи и на други службени лица, а поради недостиг на женски кадар, во втора смена, надзорот врз притвореничките се врши од припадници на Секторот за обезбедување, од машки пол, што е спротивно на Мендела правилата, се наведува во извештајот на Народниот правобранител.
„Притворените лица често се навредувани на национална основа, а особено припадниците на ромската заедница, а не ретко некои од службените лица за време на претресите се однесувале на груб, дрзок и понижувачки начин“, истакна Васка Бајрамовска Мустафа, заменик Народен правобранител на Република Македонија.
Медицинска заштита и натаму се одвива во услови на недостаток на здравствен и медицински кадар.
„Во затворот во Шутка по 20 часот нема медицински персонал, затоа што двајцата лекари по општа пракса кои работат 2 смени се со работно време до 20 часот, а во сабота само до 15 часот. Додека единсвената медицинска сестра е со работно време до 15 часот секој работен ден, и во сабота до 12.30 часот. Во затворот Струмица има еден доктор и една медицинска сестра од Здравствениот дом Струмица кои доаѓаат два пати неделно. Во затворот нема стоматолог, а поради тоа што не се здравствено осигурани, осудените лица се принудени да плаќаат за услуги во приватни стоматолошки ординации“, додаде Бајрамовска.
Таа додаде дека во затворот во Куманово во 2017 година констатираа дека има нарушување на приватноста и во дел од тоалетите нема врата, пришто осудените лица закачуваат ќебиња или се снаоѓаат на друг начин.
Дехран Муратов