Премиерот Зоран Заев денеска прими претставнички на Сојузот на организации на жени на Македонија (СОЖМ) од повеќе градови од земјава, предводени од претседателката на организацијата, Савка Тодорова, со кои разговараше за еднаквоста на жените во општеството.
Владата, рекол Заев има потреба, а не само чувство за соработка со СОЖМ, и потенцираше дека немањето еднаквост во општеството по однос на родовите прашања е исто како да не се искористуваат половина од човечките капацитети на државата.
– Сојузот на организации на жени е одличен пример за тоа како треба да бидеме мотивирани, гласни и организирани. Не само што повикувам на соработка со Сојузот на организации на жени, туку и замолувам за помош од Сојузот во решавање на родовите проблеми во нашето општество, рекол македонскиот премиер на средбата.
Потенцирал дека лично ќе оствари контакт со градоначалниците на општините во земјава за поголем ангажман во насока на имплементација на Истанбулската конвенција, како и решавање на проблемот со недостаток на простории за работа на организациите членки на СОЖМ.
– Имате искуство, знаење и идеи. Сега треба заедно да ги имплементираме. Ако сме ангажирани како да го направиме општеството подобро место за сите, нема да направиме грешки, истакнал Заев.
Изразувајќи благодарност, претседателката на СОЖМ Тодорова ја поздравила ратификацијата на Истанбулската конвенција, и ги нагласила очекувањата дека премиерот, исто така, ќе се заложи за нејзиното спроведување.
Извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.