„Конечно го имаме резултатот, првиот резултат од нашата операција за евакуација од „Азовстал“ во Мариупол, која ја организиравме многу долго време. Беа потребни многу труд, долги преговори и разни посредувања“, изјави Володомир Зеленски, украинскиот претседател во своето редовно обраќање.
„Денес во Запорижја пристигнаа 156 лица. Жени и деца. Тие беа во засолништа повеќе од два месеци. Само замислете! На пример, детето има шест месеци, од кои два ги помина под земја, со бегање од бомби и гранатирање. Конечно, овие луѓе се целосно безбедни. Ќе добијат помош.
И јас сум им благодарен на сите од кои зависеше спасот на овие луѓе. Кој се согласи и кој помогна. Благодарен сум им на сите што обезбедија физичко движење на луѓето низ хуманитарниот коридор.
Се разбира, ќе продолжиме да правиме се за да ги извлечеме сите наши луѓе од Мариупол и „Азовстал“. Тешко е. Но, ни требаат сите што остануваат таму: и цивили и војници. Немаше ден да не се занимаваме со ова прашање. Ден да не се трудат нашите луѓе да го решат ова прашање“, вели Зеленски.
Во моментов, руските војници не се придржуваат до договорите. Тие продолжуваат со масовните напади на „Азовстал“. Се обидуваат да упаднат во комплексот. Но, мене многу пати ми кажувале дека никој не може да се спаси. Дека тоа е невозможно. А денес 156 луѓе се во Запорижја. Ова уште не е победа, ама веќе е резултат. И верувам дека има шанса да ги спасиме и другите наши луѓе, рече Зеленски
„Очигледно, руската војска реагираше крајно нервозно на нашите денешни успеси. Различни украински градови повторно станаа мета на руските ракети и руските напади. Лвив, Виница, Кијивската област, Днипропетровската област, Одеса, Харкивската област – таквиот размер на денешното гранатирање јасно укажува не на тоа дека Русија има некоја посебна воена цел. Да нанесат удар врз Закарпатија? Што точно може да ѝ даде тоа на Русија? Тие се обидуваат да се ослободат од својата беспомошност. Затоа што не не се во состојба да ја покорат Украина. Но, сè уште се во состојба да ги запалат детските атракции во паркот Горки во Харкив или да уништат било кој мост. Или складиште за жито или куќа со луѓе. Колку повеќе има такви удари, толку Русија е подалеку од цивилизацијата. Од она што се нарекува цивилизираност“, додаде Зеленски.
Зеленски зборуваше и за поддршката на Премиерот на Обединетото Кралство Борис Џонсон и неговото обраќање до украинскиот народ и за разговорите со претставници на најголемите светски компании – во клубот CEO Wall Street Journal за тоа како да се изврши притисок врз Русија за прекинување на војната. Зеленски го спомна и неговиот разговор со полскиот претседател Анджеј Дуда за натамошна соработка, конкретни чекори и поддршка за одбрана на Украина.