ВЕСТ НА ДЕНОТ
Земјите од Г7 едногласни во поддршката за Украина
Министрите за надворешни работи на земјите од групата Г7 на состанокот во Њујорк ја потврдија својата соработка во давање поддршка за Украина. За ова информираше јапонскиот министер за надворешни работи Јошимаса Хајаши.
Изјавата следува по најавата на рускиот претседател Владимир Путин дека Русија ќе ја спроведе својата прва воена мобилизација од Втората светска војна и ќе припои делови од украинската територија, истовремено заканувајќи се со употреба на нуклеарно оружје за одбрана на земјата.
– Повторно потврдивме дека земјите од Г7 работат заедно за поддршка на Украина и да одговорат на безбедноста на храната и енергијата, посочи јапонскиот министер на прес-конференција во Њујорк, каде се одржува Генералното собрание на Обединетите Нации.
Тој најави дека како дел од дополнителните санкции против Москва, Јапонија планира да го забрани извозот во Русија на производи поврзани со хемиско оружје и да ја прошири листата со организации поврзани со руската војска на кои извозот им е забранет.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
И покрај тоа што францускиот предлог не е избалансиран Северна Македонија треба да го искористи скрининг процесот и да се фокусира на реформите кои се важни за граѓаните и ќе ја придвижат земјата напред, изјави Едвард П. Џозеф од Школата за напредни меѓународни студии при Универзитетот Џонс Хопкинс (Johns Hopkins School of Advanced International Studies) од САД.
„Преспанскиот договор беше постигнат на фер основа бидејќи, иако Грција беше членка на НАТО и ЕУ, преговорите се водеа на еднаква основа и беше постигнат фер компромис со отстапки од Грција и од Северна Македонија. Францускиот предлог пак воопшто не ја засегна предноста на Бугарија и тој го одразува тоа. Тоа, е вели, исто така е грешка и на САД и на ЕУ, бидејќи создава лош преседан во Унијата. До граѓаните на земјата е да решат, дали тој го загрозува или не македонскиот идентитет. Но сакам да подвлечам дека е важно да се искористат предностите од скрининг процесот, без оглед на Бугарија. Тој не е во интерес на Бугарија, туку на граѓаните на оваа земја. Искористете го и направете максимум во реформите за владеење на правото, борбата против корупцијата и други важни реформи кои ќе ја придвижат земјата напред и ќе им покажат на граѓаните дека тоа е реално и е важно“, вели Џозеф на новинарско прашање кој денеска учествуваше на годишната меѓународна конференција „Редефинирани приоритети: нови реалности по украинската криза“ во Скопје.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Русија се плаши од вистински преговори со Украина и не сака да исполнува никакви меѓународни обврски, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во својот говор на Генералното собрание на ОН, јави дописникот на Укринформ од Њујорк.
„Русија се плаши од вистински преговори и не сака да исполни никакви фер меѓународни обврски. Ги лаже сите. Како што е типично за агресорите, за терористите. Дури и сега, кога Русија зборува за преговори, таа само сака да го забави повлекувањето “, рече Зеленски.
Според него, Русија сака да ја помине зимата на окупираната територија на Украина и да подготви сили за обид за нова офанзива, „но веќе во нови размери“, или „барем сака да подготви утврдувања на окупираната земја и да спроведе воена мобилизација дома“.
*
Едно лице загина, а уште пет се повредени како резултат на руски ракетен напад врз Запорожје, објави на Телеграм Олександр Старук, шеф на регионалната воена управа на Запорожје, пренесува Укринформ.
„Утрото непријателот лансираше проектили врз регионалниот центар. Уште еднаш окупаторот ги гаѓаше инфраструктурните објекти. Оштетени се станбени згради наоколу. Според првичните информации, едно лице загина“, напиша тој.
Повредени се уште најмалку пет лица, додаде тој. Сите служби работат на лице место.
*
Ослободени се 215 војници од руско заробеништво, соопшти шефот на Кабинетот на Претседателот на Украина, Андриј Јермак. Од нив 108 се борци на полкот „Азов“.Од руско заробеништво ослободен е командантот на полкот „Азов“, Денис Прокопенка и неговиот заменик Свјатослав Паламара, како и командантот на 36-та посебна бригада на поморските сили, Серхиј Волинкого, објави Врховна Рада на Украина на социјалните мрежи.
*
Британската премиерка Лиз Трас го обвини рускиот претседател Владимир Путин за „заканувачко тропање со оружје“ за да ја прикрие неговата неуспешна инвазија врз Украина и им кажа на Обединетите нации дека нивните основни принципи се прекршени поради агресија на авторитарни држави.
Во својот прв говор пред Генералното собрание на ОН, Трас ја нарече војната во Украина битка за „нашите вредности и безбедноста на целиот свет“ а покојната кралица Елизабета Втора ја нарече симбол на сè што значат ОН.
*
По сликите на масовно бегање од Русија вчера и најавите на некои земји дека нема да ги пропуштаат на своја територија, Европската Комисија вели дека правото на ЕУ мора да се почитува, но дека секоја земја членка има право да одбие барање за азил.
Руските резервисти, кои масовно од вчера се обидуваат да ја напуштат земјата откако претседателот Владимир Путин најави делумна мобилизација во пресрет на референдумите во Донбас, се соочуваат се неодамнешната одлука на ЕУ за суспензија на визната либерализација со Русија. Згора на тоа некои од соседните земји на Русија најавија дека нема да пропуштаат руски граѓани ниту по вчерашните најави на Путин.
*
Канцеларијата за регрутирање на руската војска и административната зграда беа нападнати во текот на ноќта во четвртокот, среде националните протести против наредбите за „делумна“ мобилизација на претседателот Владимир Путин, пренесува The Moscow Times.
Според локалната веб-страница за вести nn.ru, во градот Нижни Новгород на 440 километри источно од Москва, напад со молотов коктел предизвика мал пожар во локалната зграда за пријавување. На лице место биле пронајдени парчиња од стаклено шише.
ФЛЕШ ВЕСТИ
КОНФЕРЕНЦИЈА Седумнаесеттата годишна меѓународна конференција за нови идеи на тема „Редефинирани приоритети: нови реалности по украинската криза“ денеска се одржа во организација на Универзитет Американ Колеџ Скопје (УАКС) во соработка со УНХЦР во Северна Македонија во просториите на Министерството за надворешни работи.
СРЕДБА Денеска Амбасадорката на Украина Лариса Дир оствари средба со Министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска. Дискутираа за веќе постоечката успешна соработка и перспективите за развој на соработката меѓу Украина и Северна Македонија.
САНКЦИИ Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската унија (ЕУ), Жозеп Борел, доцна синоќа во Њујорк изјави дека ЕУ размислува за нови санкции против Русија по „ескалацијата“ што ја најави Москва.
ИНТЕГРАЦИИ Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими европратениците, Тинеке Стрик и Рајнхард Бутикофер, претставници од Зелените/Групата на Европска Слободна Алијанса, од Европскиот Парламент, информираат од претседателскиот кабинет.
ПОДДРШКА Американската амбасадорка во Тирана Јуриј Ким изјави дека САД ја поддржуваат иницијативата „Отворен Балкан“.
ПОЛИТИКИ Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска оствари средба со делегација на Трезорот на САД, предводена од Шила Бекет, вршител на должност вонреден директор и виш советник за буџет и финансиска отчетност на Трезорот на САД, информираат од Владата.
ТУЖБА Јавниот обвинител на Њу Јорк Летиција Џејмс во средата поднесе тужба во која ги обвини поранешниот претседател Доналд Трамп, трите негови возрасни деца и директорите во неговата компанија за флагрантно манипулирање со проценките на имотот и другите средства за да ги измамат заемодавачите, осигурителните брокери и даночните власти да им дадат подобар банкарски заем и стапките на полисата за осигурување и да се намали нивната даночна обврска, пишува Вашингтон пост.
ОБРАЌАЊЕ Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски присуствуваше и се обрати на научно-стручна дебата на тема „Јавната и приватна безбедност – преку координација и соработка до заедничка превенција на безбедносните ризици и закани” во организација на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот Факултет во Скопје, а во присуство на професори и студенти, како и припадници на Секторот за приватно обезбедување.
РЕФОРМИ Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска во Брисел оствари работен состанок со комесарот на ЕУ за соседство и проширување Оливер Вархеји, на кој разговараа за процесот на скрининг, за следните активности во процесот на преговори и за актуелната политичка ситуација во Северна Македонија.
ЛАЖНИ ВЕСТИ И ГОВОР НА ОМРАЗА
Говор на омраза и национализам по лажната вест дека „Вива фреш“ ќе го купува „Тинекс“
Порталот на албански јазик Шќипмедија, објави лажна вест дека косовската групација „Вива фреш“ наводно ќе го купува македонскиот трговски синџир „Тинекс“, а експресно истата лажна информација ја објавија повеќе македонски медиуми.
Веста ја демантираа и од „Тинекс“ и од „Вива фреш“.
„По објавената вест на порталот Shqipmedia на 20.9.2022 со наслов дека е постигнат договор за купопродажба на ланецот супермаркети Тинекс од страна на компанијата Вива фреш, вест која ја пренесоа многу македонски портали без да нè прашаат да ја потврдиме или демантираме веста создадоа збунувачка атмосфера во јавноста, меѓу вработените и соработниците. Компанијата Тинекс-МТ ДООЕЛ Скопје ја информира јавноста дека ниту Тинекс маркетите, ниту компанијата е во преговори со потенцијални купувачи а уште повеќе дека дошло и до договор за купопродажба. Тинекс-МТ ДООЕЛ Скопје кој управува со Тинекс маркетите и понатаму останува со единствениот сопственик Владимир Тодоровиќ“, соопштија од македонската компанија.
Лажната вест ги разгори страстите на националистите и оркестрирано почнаа да шират говор на омраза кон косовските Албанци и кон Владата.
Меѓу тие што ја проширија оваа лажна вест е и секретарката на опозициската партија Левица, Јована Мојсоска која пишала коментар „Северна е омилена дестинација на косоварскиот црн кеш“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Некои ќе речат, кога тоа Србија ја поддржала Украина? Перцепцијата е дека Србија е рускиот играч на Балканот и дека нејзиното државно водство е проруско. Колку и да е точно тоа, сепак, Србија, како и сите држави на Западен Балкан, гласаше „за“ кога, на 2 март, се изгласа Резолуцијата на ОН за прекин на руската офанзива против Украина (141 држава „за“, 5 „против“, 38 „воздржани“). Вучиќ и тогаш, можеби на „пола уста“, одлучи да го поддржи територијалниот суверенитет на Украина, иако ја продолжи соработката со Русија и одби да им се приклучи на санкциите што ги воведе слободниот свет против режимот на Путин. Но прими украински бегалци. Да не говориме за тоа дека Белград е полн со руски опозиционери што избегаа од режимот на Путин веднаш по почетокот на руската агресија“, пишува Џабир Дерала во денешниот едиторијал „Србија ја „реафирмира“ поддршката на Украина, Вучиќ игра баскет во Њујорк“.
Б. Ј.