Амбасадорот на Европска Унија во Скопје ја смирува јавноста со изјава дека последниот скандал со „Рекет“ не треба да влијае во евроинтеграцискиот процес. Во овој случај тој гледа показател дека има напредок во владеење на правото и дека веќе и Јавното обвинителство почнало да се бори против корупцијата и организираниот криминал.
„Сметам дека она што моментално го презема Јавното обвинителство е демонстрација на функционално владеење на правото. Самиот факт дека ЈО почнува да работи на случаи на корупција, а не само СЈО, покажува дека има напредок и тоа е добро“, изјави амбасадорот Жбогар.
СЈО, според Жбогар, работело напорно и завршило добра работа во досегашниот период, во правец на градење судска пракса за коруптивните случаи, како и за случаите кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Затоа, ЕУ амбасадорот цени дека напорите за изнаоѓање на решение за СЈО, во рамки на Јавното Обвинителство, треба да продолжат до постигнување на договор.
„Таму работат извонредни правници и истражители. Очекувам дека политичките лидери, кои се надевам дека ќе се сретнат утре и ќе се обидат да најдат решение за иднината на СЈО во рамки на Јавното обвинителство“, додаде Жбогар.
Оваа изјава е прва силна поддршка за институцијата Специјално јавно обвинителство, по објавувањето на скандалот со рекет на бизнисмени осомничени во случаите кои ги води СЈО, а каде се покренаа сомнежи и за вмешаност на обвинители на ова обвинителство. Деновиве се очекува ОЈО да излезе со конкретни и прецизни информации за тоа кои лица биле мешани, а премиерот Зоран Заев побара да се открие дали главната Специјална обвинителка Катица Јанева била вмешана или злоупотребена од двајцата осомничени во овој случај.
А. Зеќири
фото: Б. Јордановска/ЦИВИЛ