И денешниот ден помина во знакот на желба има, ама никако да се договориме. Ако помисливте дека постои настан или тема за која власта и опозицијата не се „фатија за гуша“ ептен сте ја згрешиле.
Најпрво е Преспанскиот договор, кој очигледно ќе биде најжешката тема околу која ќе се кршат копјата во ова предизборие. Додека ВМРО-ДПМНЕ најавува поништување на Договорот, СДСМ постојано укажува на штетите кои може да ги нанесе ваквата постапка.
И денеска власта и опозицијата не успеаја да ги приближат своите ставови околу Законот за Јавно обвинителство. Сите се за, ама договор нема. Закон уште помалку…
Се скараа дури и за Законот за легализација на дивоградбите. Додека министерот Сугарески ја обвини опозицијата дека го кочи изгласувањето на предложеното законско решение, а ВМРО-ДПМНЕ пак со став дека Законот е продолжение на криминалното работење на СДСМ. Договор повторно нема.
Но, тоа не е сѐ. Власта и опозицијата успеаја да се скараат и за работата на Постојаната анкетна комисија за заштитата на слободите и правата на граѓанинот на која треба да биде разгледат заклучокот за Охрид како заштитено подрачје под УНЕСКО. Па така, пратеникот Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ со денови ја опструира работата на Комисијата. Независната пратеничка Никица Корубин, пак, го претстави ставот на СДСМ дека точката на дневен ред воопшто не треба да биде поставена затоа што се работи за претставка од невладина организација за слободен пристап до информации од јавен карактер. Заклучок нема.
Маја Ивановска