И покрај демантот на премиерот Христијан Мицкоски дека Северна Македонија нема да прими ниту еден мигрант од Британија, СДСМ предупредува дека британските медиуми повторно објавуваат детали за наводни разговори на Владата за прием, слободно движење и долгорочно населување мигранти во земјата, за по 20.000 фунти по лице. Опозицијата обвинува дека владата крие договори од јавноста, додека премиерот тврди дека вакви разговори никогаш не постоеле.
Со примањето на мигранти, Владата ја отвора вратата за исклучително небезбедна ситуација во државата, предупреди Андреј Жерновски, член на ИО на СДСМ, поранешен градоначалник на Општина Центар, поранешен пратеник во Собранието на Македонија и поранешен амбасадор во Романија, во дебатната емисија Топ Тема на Телма.
Жерновски истакна дека веќе кружат информации за моделот што наводно се договорувал:
„Веќе слушаме детали дека ќе бидат платени по 20.000 фунти за секој мигрант. ‘Кои мигранти?’ Тоа се оние што Британија одбива да ги прими, а кај нас ќе се движат слободно“.
Тој го потенцира она што, според него, е најопасно: можноста мигрантите да немаат никакви ограничувања.
„Не зборуваме за мигранти кои ќе бидат сместени во кампови и ќе ги чуваат чувари. Значи, тие ќе бидат тука меѓу нас, и ние ќе ги гледаме. Не сакам моите деца, нашите деца, да ги доживеат оние сцени што ги гледаме надвор – дивјаштва, грабежи, криминал. Тоа не сакам да го видам во нашата држава“, изјави Жерновски.
Тој предупреди дека ова е тема што бара итна реакција, бидејќи „кога еднаш ќе бидат испорачани тука – нема назад“.
„Или ќе има шест милијарди евра, или ќе има мигранти – едното без другото не оди. Тоа го прашуваме уште од мај. Дали Британија би дала 6 милијарди евра без да испрати ниту еден мигрант?“, праша тој.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, категорично ги отфрли тезите.
„Додека сум јас премиер, нема да никне ниту еден шатор со илегални мигранти и нема да примиме ниту еден мигрант. Со индигнација ги отфрлам шпекулациите“, изјави тој пред Собранието.
Лидерот на опозицијата Венко Филипче најави онлајн петиција и широка мобилизација против можниот прием на мигранти:
„Ќе следи силна активност на секое ниво – во секоја општина, град и село. Нема да дозволиме да се загрози иднината на земјата. Македонија треба да се стреми кон развој и европска интеграција, а не да стане ‘Мека за мигранти’.“
Д.М.












