Пред две години за време на „Шарената револуција“ фотографот Кирил Михаилов со својот апарат доловил несекојдневна слика на „Зелено пазарче“, односно го фотографирал дедото Борис Трајковски којшто на 82 години со едно око со лупа читал „Слободен печат“, додека другото око му беше повредено.
„Кога ми кажа дека се вика како нашиот покоен претседател мислев дека се шегува, меѓутоа тој навистина се викаше Борис Трајковски. Го прашав зошто чита весник со лупа кога едното око му е повредено, тој ми одговори „Читам за да се информирам“. Тој не им веруваше на вестите што ги гледаше на телевизија, и ме замоли доколку ги објавам некогаш фотографиите во некој медиум тоа да не биде во Сител“, вели фотографот Михаилов.
Поминаа две години откако фотографот Михаилов го сликал дедото Трајковски како чита весник и посакал да му ги даде фотографиите, меѓутоа за жал тој починал.
„Изминатиов период бев во Англија и кога се вратив во Скопје сакав да му ги дадам фотографиите, меѓутоа луѓето што го познаваа и вработените во трафиката кај „Зелено пазарче“ ме информираа дека дедо Боро почина пред извесен период“, додава Михаилов.
Фотографот Михаилов вели дека досега не сретнал таква ведра личност како дедо Боро, кој на своите 82 години секој ден купувал весник „Слободен печат“ и се информирал за вчерашните случувања.
Д. Муратов