Веќе петти ден железничкиот сообраќај во Македонија е комплетно блокиран, возовите никако да тргнат, а граѓаните се оставени да се снаоѓаат како што знаат и умеат. „Штрајкот на железничарите и натаму продолжува“, вели Марјан Ристески од Синдикатот на „Македонски железници“ во разговор за ЦИВИЛ Медиа.
„Состаноци имаме постојано, но никако не можеме да најдеме заеднички јазик“, вели Ристески. Според него, сè додека не им се исплатат целосно сите заостанати плати, вработените нема да го прекинат штрајкот. За нив е неприфатлив предлогот на раководството на „Македонски железници“ дека до крајот на месецот ќе изнајделе начин да им исплатат еден дел од јануарската плата, а вториот дел, вработените да го добијат на почетокот на март.
Што се однесува до притисоците кои се вршат врз штрајкувачите, Ристески не сакаше да даде конкретен одговор. „Во вакви моменти тоа се нормални работи“, кусо искоментира.
Во меѓувреме, Министерството за транспорт и врски повторно потсети дека за 2017 година од буџетот на Република Македонија се издвоени 380 милиони денари за Јавното претпријатие „Македонски железници“ и дека ресорното Министерство, во рамки на своите законски можности, прави сè за да се реши состојбата во претпријатието.
Маја Ивановска