Кои се препораките на ЦИВИЛ за реформи во изборниот систем и измени во Изборниот законик, кои во понеделникот му беа лично врачени на Министерот за правда, Билен Салији? Кои се наодите и анализите од изборниот мониторинг на ЦИВИЛ на Локалните избори, кои мора да се адресираат час поскоро? Дали има смисла да се говори за темата избори сега, а не во пет до дванаесет? Има ли пилот во Државна изборна комисија? Дали членовите на ДИК треба да добијат апанажа?
Ова се дел од прашањата на кои ЦИВИЛ ќе се обиде да даде одговор на промоцијата на публикацијата „Слободни избори: научени лекции“ денес (четврток, 15 февруари) во Јавна соба (50-та Дивизија 22), со почеток во 13 часот.
„Наспроти насловот кој упатува на научените лекции, повеќе ќе говориме за ненаучените лекции“ – најави Дерала од ЦИВИЛ.
На настанот ќе се обрати Заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија, Марко Акватичи. Презентација ќе одржи Џабир Дерала од ЦИВИЛ ќе ги презентира наодите и анализите на организацијата. Во фокусот на презентацијата ќе бидат препораките до Владата, политичките партии, медиумите и останатите засегнати страни во државата. Кога се работи за настан на ЦИВИЛ, непотребно е да се спомне дека медиумите и присутните медиуми и гости се добредојдени да коментираат и да поставуваат прашања. По презентацијата, ЦИВИЛ ќе приреди скромен коктел и неформално дружење.
Настанот е отворен за претставниците на Владата, медиумите, политичките партии, граѓанските организации, меѓународната заедница и заинтересираните граѓанки и граѓани.
М. Л.