ЦИВИЛ – Центар за слобода утре во 12:30 часот (четврток, 26 јануари) организира експертска панел-дискусија „Македонија: Правно и политичко лимбо“. Настанот ќе се одржи во хотелот „Парк Резиденс“, зад Градскиот стадион во Скопје. Панелисти ќе бидат професорите Осман Кадриу и Светомир Шкариќ и аналитичарот Сотир Костов. Тие ќе дебатираат за постизборниот период во Република Македонија, за продолжените политички тензии и неизвесностите, како и за сериозните правни дилеми.
Учесниците на панелот, меѓу другото, ќе разговараат и за тоа дали претседателот Ѓорге Иванов во целост го следеше словото на Уставот и законите при доделувањето на мандатот за составување на влада; дали свикувањето и водењето на првата седница по изборите беше во согласност со законите и Деловникот; дали во Македонија на дело е ситуација на извршување двојни јавни функции – министри и пратеници истовремено и дали Јохан Тарчуловски има право да биде пратеник, со оглед на тоа дека е правосилно осуден воен злосторник?
На панел дискусијата се поканети претставници на меѓународната заедница, медиумите, како и претставници на граѓанското општество и на политичките партии, и заинтересирани граѓанки и граѓани. По излагањето на панелистите, ќе следи дискусија и „отворен микрофон“.
Во текот на дискусијата, ќе можат да се поставуваат прашања и коментари од онлајн заедницата.
Хаштаг на настанот е #лимбоМК, #limboMK