Здружението на новинари на Македонија го распиша конкурсот за доделување на годишните новинарски награди за 2016-та година.
Како секоја година, и годинава ќе се доделат две награди за новинари, наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело и наградата „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство.
Како што информираат од ЗНМ, за наградата за животно дело, кандидатите може да се пријавуваат сами или по предлог на тројца новинари. Во пријавата, освен личните податоци на кандидатот, се доставува и кратко образложение за неговите посебни животни остварувања што оставиле посебна трага во македонското новинарство.
Кандидатите за годишната награда за истражувачко новинарство се пријавуваат со сериозни и несекојдневни новинарски истражувања објавени во 2016 година, посветени на важни прашања за пошироката заедница. Приказните треба да откриваат злоупотреби на власта и кршење на човековите права и слободи. Тие треба да бидат оригинални, поткрепени со факти, проверени од разни извори на информации.
На добитникот на награда за животно дело ќе му се додели плакета и пригоден подарок, додека за најдобрата истражувачка сторија предвидена е плакета и парична награда.
Изборот на добитниците на наградите за животно дело и за истражувачко новинарство ќе го изврши Комисијата за доделување на награди на ЗНМ.
Апликациите и пријавите треба да се достават до ЗНМ, најдоцна до 13 февруари 2017 година.