Од Здружението на новинари (ЗНМ) реагираат по предлог законот за клевета и навреда,во кој, во моменталната верзија, во дефиницијата за навреда се вели дека ќе се одговара и за изразување на „негативно мислење“. Оваа дефиниција е нова и се разликува од постоечкиот закон, а на начинот на кој е дефинирана остава простор за погрешно толкување од страна на граѓанскиот суд на штета на слободата на изразување.
ЗНМ бара ова, во дефиницијата за навреда соодветно да се коригира на начин што ќе се врати старата дефиниција од законот од 2013 година која, во тоа време, беше позитивно оценета и од ОБСЕ и Советот на Европа.
Иако во локалната судска пракса предметите кон медиумски работници се пред се за клевета и речиси да нема за навреда, ваквата дефиниција доколку не се измени може да поттикне во иднина бран на тужби кон новинарите само за искажано мислење што во основа е спротивно со начелата на слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните.
Текстот на овој Предлог закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета е во фаза на прво читање во Собранието од јули 2021 година. Истиот текст предвидува значително намалување на нематеријалната штета за новинарите и медиумските работници како барање што ЗНМ претходно го имаше кон Министерството за правда, реагираат од здружението.
Од Министерството за правда веќе излегоа со соопштение дека формулацијата во однос на предлог Законот за граѓанска одговорност каде за навреда се одговара и за „негативно мислење“, е грешна формулација за што ќе се интервенира веднаш во амандманската расправа.
Од таму посочуваат дека целосно ги поддржуваat новинарски слободи и права и сите закони ги носи заедно со здруженијата, а во интерес на објективното и слободното информирање.