Иако поминаа речиси три месеци од предвремените парламентарни избори, „црната кампања“ продолжува.
Граѓански новинар од Кичево, кој сакаше да остане анонимен, ни испрати извештај, поткрепен и со фотографии, на кој јасно се гледа тенденциозноста на ваквата „црна кампања“.
Низ Кичево, во поштенските сандачиња на граѓаните, осамна пропаганден материјал на кој е прикажан претседателот на СДСМ, Зоран Заев, а во заднината е карта на „Голема Албанија“.
На летоците е испишан извлечен од контекст – цитат од настапите на Заев: „Ние не бегаме од платформата, имаме позитивен аспект кон неа!“ и „Не се согласуваш? Активирај се!“
Граѓанскиот новинар пишува дека флаерите се отпечатени на висококвалитетна хартија и се прашува: Од каде потекнуваат парите за ваквата кампања?