ЦИВИЛ Медиа разговараше со Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ за слободата на изразување и нејзината цена, медиумските слободи, како и улогата на активизмот.
Цветковиќ ја истакна потребата од солидарност во одбрана на слободата, како и саморегулацијата на општеството.
ЦИВИЛ: Што подразбирате по слобода на изразувањето, медиумски слободи и активизам?
Цветковиќ: Многу едноставно, слободата да говорам, да дејствувам, се до моментот додека со мојата слобода не загрозам некој друг. Во таа смисла не сум поборник за сфаќање на слободата во поширока смисла на изразување, односно сум поборник истата да биде ограничена во услови кога преминува во говор на омраза, за повик на насилство, дискриминаторски говор, но истовремено мислам како општество и како активисти треба да бидеме прилично сензитивни и внимателни кога го зборуваме ова, бидејќи е тенка границата. Она што е ризик е истата да премине во цензура.
Во таа смисла мислам дека повеќе сум поборник, особено кога се работи за медиумите, за форми на саморегулација. Сметам дека тоа е работа на активистите, на медиумските работници и на луѓето од фелата да сите заедно изградиме општество кое што само ќе се регулира. Односно интервенцијата од државата полека да се намалува, а самото општество реагира на одредени појави на дискриминација или говор на омраза во јавната реторика.
Еден таков пример имавме со кампањите на три радија во Македонија. Без воопшто да реагира државата, самите медиуми ја повлекоа кампањата што беше шовинистичка, исклучително дискриминаторска кон жените заради реакција на јавноста. Мислам дека тука сме на добар пат и токму во оваа борба треба многу да вложиме.
ЦИВИЛ: На кој начин ги поддржувате или можете да ги поддржите слободата на изразувањето, медиумските слободи и активизмот?
Цветковиќ: Така што ја практикувам, тоа е првиот начин. Понатаму користејќи ги сите можни форми на едукација и на еманципација на луѓето за тие истите да бидат свесни да препознаат кога одреден говор е дискриминаторски, кога одреден говор е говор на омраза, но кога одреден говор треба да се разбере.
Исто така, како слобода на изразување колку и да не се согласуваме со истиот, ако ништо друго, да го ислушаме и разбереме дека и тие луѓе, а и ние, исто така, имаме шанса и право да зборуваме и размислуваме и да имаме различни мислења за различни работи.
ЦИВИЛ: Дали се соочувате со притисоци од политичките и бизнис центрите на моќта и како се справувате со нив?
Цветковиќ: Јас сум била тужена за навреда и клевета заради јавно искажан збор, односно заради две колумни што беа објавени во порталот „Окно“ и во дневниот весник „Дневник“.
Со тужба се соочив од две професорки и една авторка на учебник за трета година гимназиско образование по педагогија. Во колумните го критикував учебникот кој содржеше навистина радикални форми на хомофобија. Лицата со поинаква сексуалност беа наречени психотични и невротични.
Поради мојот критички став кон овие професорки и авторки бев тужена во период кога клеветата и навредата беа кривично дело. Можам да кажам дека воопшто не беше едноставно да се соочите кривично да бидете гонети поради искажан став.
Отштета која професорките ја бараа беше 30.000 евра. Сума која што не можам да замислам дека некогаш ќе можам да си ја дозволам.
Се сеќавам на непреспаните ноќи, стравот што го чувствував заради тоа што требаше да се јавувате во судот да давате искази, да бидете дел од еден процес кој што воопшто не го разбирате. Не разбирате зошто некој ве тужи затоа што имате став дека учебниците не треба да содржат дискриминација.
За моја среќа, правдата беше задоволена. Добив ослободителна пресуда. Во тоа време работев во институтот за родови студии на Филозофскиот факултет. Од авторките што ме тужеа и беа критикувани од моја страна, две се универзитетски професорки, а едната од нив токму на Филозовскиот факултет.
За жал, кога имав опција да се вработам редовно и победив на конкурсот како најдобар кандидат за научен соработник, односно асистент, дел од научно-наставниот совет се солидаризираа со професорката и ја изгубив позицијата. Причината поради која ја изгубив работата, јасно беше кажана и од деканот и од професорите што ја водеа хајката, е поради тоа што сум се дрзнала да критикувам професор.
Како се справив? Никако. Ја изгубив работата. Но, она што го знам, а го кажав и на судот, бидејќи ми беше понудено да се извинам и во судница и јавно, е дека цврсто верувам ако замолчиш човек е исто како да си го убил.
ЦИВИЛ: Кои се вашите препораки, како да се одбранат слободата на изразувањето, медиумските слободи и активизмот?
Цветковиќ: Треба да си ги знаеме правата. Тоа е важно и тука активистите може многу да помогнат. Луѓето треба да знаат дека никој не смее да ги казни заради искажан збор што никого не повредил.
Она што исто така е исклучително важно е солидарноста. Кога некој наш сограѓанин или сограѓанка се соочува со цензура, треба да покажеме солидарност. Додека трае моите судења пред судот имаше десетици, стотици граѓани се собираа и ми ја даваа поддршката и знам колку тоа ми значеше.
Во тоа време А1 телевизија застана зад мене. Новинарите носеа маици на кои пишуваше „Не за хомофобијата во образованието“. Она што е важно во идни вакви случаи секогаш да бидеме спремни и да покажеме солидарност за оние кои се замолчени.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов