Професорот Љубомир Фрчкоски, во изјава за медиумите зборува за идеите и целите на Комитетот за заштита на правата, Стратегијата за реформи во судството и последниот извештај на Прибе.
„Овој проект на доделување на правда, всушност е малку поинаков од извештајот на Прибе, кој повеќе се однесува на конкретни реформи во судската администрација. Ова што ние го правиме делумно е правење на еден дисконтинуитет со општеството кое било на граница на диктатура, каде не постои право, каде случаите во најголем дел биле политички монтирани, со монструозни последици, некаде помалку забележливи, но во основа, едно практично рушење на правната држава“, рече Фрчкоски.
Тој истакна дека кога се прават реформи мора да постои еден граничен камен, нешто што симболизира дисконтинуитет со таквата власт.
„И овој состав овде, и моето присуство тука е околу тие неколку закони кои тој дисконтинуитет треба симболично да го изрази. Тоа е на пример Законот за општа амнестија, потоа Законот за обнова на постапките каде што е утврдено грубо кршење на правата при правораздавањето или доделувањето на правда, и трето е поништување на Законот за лустрација. Најтежок од таа група закони е овој овде, за кој ќе зборуваме денеска, а тоа е Законот за обнова на постапката. Тука се поставува прашањето, всушност кои постапки, бидејќи знаете дека сите сметаат дека секогаш се неправедно осудени, и постои опасност да се заглавите и да ви пропадне проектот ако тоа стане огромен број. Многу е важно како ќе процениме, и тоа допрва ќе го разговараме во Комисијата, ова здружение има еден предлог на закон, па ќе видиме како сето тоа ќе искочи. Меѓутоа, одлуката дека такво нешто мора да се направи е донесена и таа е добра одлука!“, изјави Фрчкоски.
На прашањето за тоа кој е неговиот став за најновиот извештај од Прибе тој вели дека овој извештај треба да се сфати како поттик за помрднување на нештата од мртва точка.
„Новиот извештај на Прибе е всушност одличен! И тој е супер-остар онаму каде што треба да е остар. Како што знаете, тој проценува дека нема судски процес околку обвинувањата на Специјалното јавно обвинителство, што е критика која е насочена кон блокадата на судството. Тој дава основа за она што овој Комитет и Владата планира да го направи. Мислам дека идејата и коментарот дека судиите треба да бидат кривично гонети е исто така одличен. Прибе всушност со својот извештај дава поттик на тој проект кој тече, сега и со оваа Стратегија за реформи, и со овие закони и веројатно по локалните избори и со Парламентарна акција за промена на законите“, рече Фрчкоски.
Маја Ивановска
Камера: Дехран Муратов