Гумени куршуми на „Парадата на гордоста“, отфрлање на Дарвиновата теорија за еволуцијата во турските учебници и изградба на верски училишта во секоја населба, се само дел од „мерките“ кои модерната Турција на Ататурк, ја вратија векови наназад.
Веќе трета година по ред, гувернерот на Истанбул го забранува одржувањето на Геј парадата во центарот на градот. Додека стотици демонстранти се обидувале да го одржат најавениот протест, полицијата формирала контролни пунктови во областа и не им дозволувала на групи и поединци да влезат на плоштадот Таксим.
Полицијата користела солзавец за да ја разбие толпата, а активистите тврдат дека биле користени и гумени куршуми. Бројот на уапсени варира меѓу 10 и 50 лица, во зависност од изворот, а дел од нив биле ослободени уште во текот на ноќта.
Градските власти наведоа дека парадата била забранета поради загриженост за безбедноста на учесниците и туристите, како и на јавниот ред. Турските медиуми пренесуваат дека дел од уапсените биле противници на парадата.
Пред само неколку дена, турската Влада донесе одлука според која теоријата на Чарлс Дарвин ќе се исфрли од програмата и од учебниците по биологија. Ваквата контроверзна одлука која предизвика бура во јавноста, турските чиновници ја објаснуваат со тоа дека таа е премногу комплексна за разбирање и учениците се премногу млади за да ги разберат спорните моменти.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, веќе го одобри предлогот за промена на наставните програми. Меѓу другите промени кои се предложени е и намалувањето на часовите за изучување на биографијата на „таткото на модерна Турција“, Мустафа Кемал Ататурк.
Новата стратегија за образование во Турција планира големи олеснувања за стандардите за создавање на исламски духовни училишта.
Во изминатите 10 години, ресорното Министерството отвори речиси 1.000 верски училишта, а новата стратегија нуди и нови стандарди според кои, во област со население од 5.000 лица ќе може да се отвораат такви институции. Досега условот беше бројот на жителите да е до 50.000. Ваквата одлука создава можност за отворање на верски училишта во секоја населба.
Турската опозиција ја обвини власта дека се обидува целосно да ги измени основите на модерната држава и постепено да ја уназадат и направат конзервативна.
„Целта на Ердоган и Владата е постојана дипломатска и скриена исламизација на земјата и конечно, откажување од демократските принципи на основачот на секуларната република Кемал Ататурк. Државната политика за воспоставување на религијата во секоја образовна институција, не е ништо ново. Уште во 2014 година, имаше 15 џамии во универзитетите, а издрадбата на храмови на 80 високообразовни институции продолжува“, велат од Републиканската народна партија, најголемата опозициска партија во Турција.