Очигледно, дел од владиниот тим на Заев одлично владее со вештини потребни за истражувачко новинарство. Навистина, во текот на изминатите 100 и кусур денови нова влада, јавноста беше “почестена” со многу сознанија за злоупотребите на претходната власт. Злоупотребите на Груевски и неговата дружина се чудовишни, но и неверојатно апсурдни и гротескни. Секако, не помалку профитабилни за мал број луѓе, а на штета на сите. И така, дознаваме дека домашните медиуми добиле 12,5 милиони евра од Груевски за да привлекуваат странски инвеститори! Карамба!
Навистина добра сторија. Но, освен што од крими-серијата во режија на владините портпароли дознаваме факти за незаситноста и грабежот, не гледаме реакција на системот, не гледаме посочување на одговорноста. Сè стана некако епски, за сиот криминал е виновен „режимот“, додека архитектите и изведувачите на тој криминал остануваат на слобода, шират омраза и страв, работат со полна пареа да победат на избори… А ние слегнуваме со раменици и гледаме одлична сторија за, сепак, „ситна“ проневера од 12,5 милиончиња кои ги голтнале медиумите.
Знаете, помина сосема доволно време во кое можеше да се препознаат здравите капацитети во институциите и да се земат на одговорност барем дел од тие што краделе, проневерувале и злоупотребувале јавни пари, како што е случајот и со овие „ситни“ пари. Можеше да се направи барем обид да се вратат парите, па да го заличи дисплејот на кој ќе се испишуваат вратените суми, како што вети Заев пред изборите. Дали, по тешката деценија низ која минавме, сега треба да очекуваме години на преџвакување на преживеаното? Преџвакување без заклучница.
Значи, остануваат отворени прашањата: Кој точно е одговорен за тешката злоупотреба на јавните пари во медиумите, дали ќе има истрага, судење, затворски казни и враќање на парите? Важно е и прашањето кој точно треба да ги врати парите. На пример, темелна истрага би морала да следи веднаш по најновиот скандал. Ако произлезе дека Сител или Канал 5 биле дел од заговорот за проневера на тие 12,5 милиони евра, а со тоа и го кршеле законот, (нели?) треба да ги вратат парите, да платат казна и камата. Потоа… Кои пари ќе се враќаат? Можеби тоа ќе бидат парите на медиумските газди – добитници на вртоглави суми и од други, уште поголеми тендери и концесии. Или тоа ќе бидат, можеби, парите од странските донации кои ги добиваат во последно време? Или од новите тендери со новата влада? Или – ништо од сето тоа. Како што изгледа овие денови, ќе биде доволно само да се свртат како сончогледи.
Извесно е дека владиниот новинарско-истражувачки тим ќе продолжи со “спектакуларните” откритија. Циркус кој ќе се емитува токму на медиумите кои претходно ги лапнаа тешките милиони за привлекување странски инвестиции, но и за долгогодишна и безмилосна пресметка со сите што не размислуваа како власта. А сега лапаат и донации од истите донатори заради кои ние бевме оцрнувани како црни ѓаволи и јавно се бараше наша егзекуција. Нешто како да зборувате за чесност среде арамиско гнездо, кајшто се крие украдениот плен.
објавено во Плусинфо и Слободен печат (19/9/2017) под наслов „Арамиско гнездо“
фото: Биљана Јордановска/ЦИВИЛ