Со филмот „Кога денот немаше име“, режисерката Теона Стругар Митевска, и оваа година ќе биде дел од Берлинскиот филмски фестивал, во програмата „Панорама“.
„Овој филм ја раскажува приказната за шест тинејџери. Милан и неговиот најдобар пријател Петар подготвуваат авантуристичка екскурзија со своите другари, некаде на периферијата на Скопје. Во дисфункционални односи со своите родители, во семејства нарушени од транзициските маки, тие се генерација која расте, растргната од социјалната несигурност и сомнителните вредности. Нивната ноќ на луда забава е одбележана со несреќна посета на тинејџерка-проститутка и целосно е превртена со ненадеен конфликт…“, е сиже на филмот, претставен на денешната прес-конференција.
„Сметам дека ‘Кога денот немаше име’ е еден од најзрелите филмови на Теона. Таа со секој свој филм изненадува со својот уникатен авторски пристап и очекувам со овој филм да постигне најголем успех досега. Како продуцент, горда сум што Македонија ќе има филм во Берлин и горда сум на нашата кинематографија, што полека но сигурно, добива свое место во светската кинематографија. По ‘Сиера Невада’ во натпреварувачката селекција во Кан и ‘Ноќен живот’ кој беше лауреат во Карлови Вари, како малцински копродукции, сега учеството во Берлин со нашиот филм, за нас е како шлаг на најдобрата торта во светот!“, истакна продуцентката на филмот. Лабина Митевска, во разговор за ЦИВИЛ Медиа,
На Берлинскиот филмски фестивал, покрај режисерот Теона Стругар Митевска, продуцентот Лабина Митевска и сценаристот Елма Татарагиќ, ќе присуствуваат и шесте млади главни актери во филмот: Леон Ристов, Ханис Багашов, Стефан Китановиќ, Игорчо Постолов, Драган Мишевски и Иван Вртев Шоптрајанов. Се работи за шесторица млади натуршчици кои поминаа тежок кастинг и сите за првпат глумат на филм.
Како што изјави Лабина Митевска, македонската публика ќе има можност да го проследи филмот, непосредно по премиерата на Берлинскиот филмски фестивал.