На писменото прашање во врка со ситуацијата во Македонија, на европарламентарецот и заменик-претседателот на Европскиот парламент, Димитрис Пападимулис, упатено до Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Фредерика Могерини во одговорот напишала дека ЕУ покажува целосна и континуирана посветеност кон Македонија и регионот во целина.
Како што јавува МИА, Пападимулис писмото го испратил на 4 мај и во него нагласил дека „Македонија е поткопана од континуирана политичка нестабилност, со политички и меѓуетнички раздор што се влошува“. Пападимулис во писмото уште напоменал дека „се интензивира климата на политичко ривалство, постои континуирана несигурност во прашањето за формирање влада, постојат обиди да се замолчат медиумите, независноста на судството е доведена во прашање, а насилството и судирите ескалираат“. Тој тогаш додал и дека ситуацијата во Македонија „ја влошува и националистичката и иредентистичка реторика на албанскиот премиер Еди Рама и политиката на Косово, кои се обидуваат да го одвлечат вниманието на јавноста од вистинските проблеми на сиромаштијата и корупцијата“.
„Овие појави ја загрозуваат стабилноста и развојот на земјите од Западен Балкан, како и нивниот европски пат“, заклучил Пападимулис.
Одговорот на Могерини е со датум од 27 јули, но грчкиот европратеник го објави денеска, и во него се истакнува дека „присуството и посветеноста на ЕУ кон земјите од Западен Балкан е од витално значење за мирот и стабилноста во регионот и неговото економско заздравување“.
„Во овој контекст, ЕУ ја изрази својата подготвеност да соработува со новата Влада на Поранешната југословенска Република Македонија, која веќе направи позитивни чекори кон стабилизирање на односите со своите соседи“, вели Могерини во одговорот. Таа, исто така, додава дека претставниците на ЕУ во нивните изјави, но и во директните контакти со политичките лидери, постојано предупредуваат дека треба да се избегнува секаква провокативна реторика, како во, така и вон земјите.
„ЕУ промовира мир, помирување и регионална стабилност преку дијалог и консензус, и ќе продолжи да го прави тоа“, нагласува Могерини во писмениот одговор до Пападимулис.