Американскиот заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Хојт Ји, верува дека изјавите за „Голема Албанија“, се реторика која треба да биде сфатена во контекст на предизборна кампања и дека не ги изразуваат вистинските намери, планови и желби на политичарите во регионот.
„Не верувам дека постои сериозно движење за создавање на ‘Голема Албанија’ или желба кај албанското население, дали е тоа во Македонија, Црна Гора или Албанија, за обединување во нова држава. Официјалниот став, и јас верувам, искрениот став на политичките партии од Македонија, Црна Гора, Косово и Албанија е да се интегрираат во Европската унија и што поскоро во НАТО, и тоа во рамките на државите каде што сега живеат, а не со промена на границите, или преку некој голем национален ентитет. Знам дека има одредена реторика, која јас сметам дека е неодговорна и провокативна, од одредени политичари во регионот. Тоа не беше конструктивно и создаде сомничавост. Сметам дека овие слогани и пароли не треба да се гледаат надвор од контекстот на предизборните кампањи во кои беа дадени. Не сакам со ова да ги оправдам овие повици или да нудам објаснување за нив. Ние и јавно и приватно ја осудивме ваквата реторика. Важно е и да не се реагира прекумерно и да не ги земаме буквално изјавите дадени од политичари кои се во кампања„, вели Ји во последното интервју за порталот Европски Западен Балкан.
Хојт Ји е категоричен дека секој обид за промена на границите би бил сериозен удар за обидот на таа држава да влезе во Европската унија
Во врска со Македонија, Ји истакна дека своите активности ги координира со Европската комисија и со европската дипломатска служба на шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, со цел да се издејствува давање на мандатот за состав на влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев.
„Успехот дојде затоа што лидерите на државите беа способни да донесат тешки одлуки, дали беше тоа одлуката на претседателот Иванов во Македонија, да го даде мандатот на коалицијата во Собранието која има мнозинство за да може да формира влада, или на опозицијата во Албанија која презема храбар чекор и реши да учествува на изборите, како и на премиерот Рама кој покажа флексибилност потребна да се убеди опозицијата. Ова е пред сè, во полза на Албанија – ситуацијата во Албанија, и на Македонија, на народот на Македонија. Заслугата е на лидерите на овие држави, а ние сме среќни што помогнавме“, изјави Ји.