Владата го усвои Предлог-законот за амнестија и донесе одлука тој да оди во редовна постапка, соопшти нејзината служба за информирање. предлог-законот е усвоен, откако минатата недела премиерот Зоран Заев, беше во посетета на затворот „Идризово“. И покрај шпекулациите во јавноста и на социјалните мрежи, законот ќе биде временски ограничен и нема да важи за тешки кривични дела.
На вчерашната 28 седница, министерот за правда Билен Саљији напоменал дека предлогот за донесување на нов закон за амнестија е израз на добра волја на државата кон одредена група правосилно осудени лица, за нивна ресоцијализација и за растоварување на затворите од прекумерниот број на лица, се вели во соопштението на Владата.
Министерот посочил и дека со законот, меѓу другото, не се предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело „убиство“ од член 123 од Кривичниот законик; на сторители на кривични дела против избори и гласање; на кривични дела против половата слобода и половиот морал и на кривични дела против државата, како и за злосторничко здружување и за кривичните дела против човечноста и меѓународното право.
Согласно предвидената процедура за усвојување на законите во редовна постапка, текстот на Предлог-законот ќе биде поставен на увид на јавноста во Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија (ЕНЕР), каде 20 денови ќе им биде достапен на експертите, граѓанскиот сектор и сите засегнати страни.
При посетата на затворот Идризово на 11 септември, премиерот Заев најави амнестијата за дел од осудените лица, заради невозможните услови во кои казната ја издржуваат околу 1.800 осуденици, иако дозволениот капацитет е 800 лица.