„Никола Груевски лично побара обезбедување од плус 20 лица. Таа одлука ја носи министерот за внатрешни работи и јас можев, така паушално, да ја донесам веднаш, но тоа не е добро. Направивме проценки во Бирото за јавна безбедност и во Управата за безбедност и контраразузнавање, анализирани се сите податоци и со оглед на тоа што неговото актуелно обезбедување од шест лица, до овој момент, не пријавило никаква закана по него или по неговото семејство, нема никаква проценка дека треба да биде зголемен бројот на лица кои што го обезбедуваат“, одговорил денеска на новинарско прашање на прес-конференцијата по повод 100-те денви Влада, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Со законското решение кое е на сила, поранешните премиери имаат право на лично обезбедување од 6 лица во временски рок колку што биле на функцијата. Груевски беше премиер, речиси 10 години, од август 2006 до јануари 2016 година. Но, според Спасовски, нема потреба експремиерот да добие и дополнително обезбедување од уште 20 лица.
Според дел од медиумите, во јулското барање било наведено дека Груевски имал закани по живот, дека функцијата ја вршел во турболентен период, дека е актуелен пратеник во Собранието и претседател на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и дека телохранителите му се потребни сè додека има опасности по неговиот живот и личен интегритет!