Регионалната канцеларија на Здружението на новинари на Македонија за Прилеп и Битола, ги повикува надлежните институции што поскоро да го расветлат случајот (од пред четири дена), кога непознати сторители ја полиле со бензин и ја запалиле гражата на новинарот Зоран Милошески од Прилеп, сопственик на порталот „Публикум“ , дописник на неделникот „Фокус“ и соработник на порталот „Слободна Македонија“.
„Расветлувањето на нападот ќе ја реши дилемата дали нападот е поврзан со работата на Милошески како новинар или се работи за изолиран инцидент. Полицијата и Обвинителството при расветлување на настанот мора да ги имаат предвид и укажувањата на новинарот дека и претходно бил изложен на закани и притисоци од локални моќници. Брзото решавање на нападите и острото санкционирање на насилниците ќе придонесе да се намали бранот на насилство врз новинарите“, реагираат од канцеларијата на ЗНМ
Еснафската организација потсетува дека државните институции имаат обврска да обезбедат нормални услови за работа на новинарите.
Инаку, непознат сторител, половина час пред полноќ на 25-ти јануари 2017, истурил запалива течност пред гаражата на новинарот Милошески. За среќа, соседот веднаш го забележал распламтениот оган, случајот го пријавил во полиција, и сам го изгаснал огнот. Милошески, како што изјави, се соочува со притисоци и закани во работата поради критичкиот пристап во своите текстови.
М. Талеска